• недела, 22 декември 2024

Напаѓачот од Капитол осуден на 41 месец затвор, најголемата казна досега

Напаѓачот од Капитол осуден на 41 месец затвор, најголемата казна досега
Вашингтон, 11 ноември 2021 (МИА) - Скот Ферламб, кој беше снимен како удира полицаец за време на нападот на американскиот Капитол на почетокот на оваа година, во средата доби затворска казна од 41 месец.
Како што пренесуваат странските агенции, станува збор за најстрогата казна изречена во речиси 700 кривични случаи покренати откако приврзаниците на поранешниот претседател Доналд Трамп го нападнаа Капитол на 6 јануари оваа година, не прифаќајќи го неговиот изборен пораз.
Американскиот окружен судија Ројс Ламберт ја наведе сериозноста на однесувањето на сопственикот на теретана во Њу Џерси, Скот Ферламб, како отежнувачка околност при изрекувањето на казната.
Ферламб е снимен како вика по полицајците пред да турне еден од нив и да го удри со тупаница по лицето. Тој ја призна вината во август.
Судијата истакна дека оваа казна ќе биде репер за повеќе од 120 лица обвинети за напад на полицијата за време на нападот на Капитол од страна на илјадници поддржувачи на Трамп.
Еден полицаец од Капитол, нападнат од демонстранти, почина ден по немирите, а четворица полицајци вклучени во одбраната на Капитол подоцна си го одзедоа животот. Повредени беа околу 140 полицајци. паг/
     

Остани поврзан