• понеделник, 23 декември 2024

Намалување на приходите на Мекдоналдс по бојкотот поради војната во Газа

Намалување на приходите на Мекдоналдс по бојкотот поради војната во Газа

Вашингтон, 6 февруари 2024 (МИА) - Американски мултинационален синџир за брза храна Мекдоналдс објави дека во последниот квартал го забележал првиот пад на продажбата во последните четири години. Причината за тоа е слабиот промет во деловниот регион, кој ги опфаќа Блискиот Исток, Кина и Индија.

Синџирот за брза храна е еден од неколкуте западни брендови погодени од протести и кампањи за бојкот поради нивниот произраелски став во конфликтот меѓу Израел и Хамас.

Споредливите продажби во сегментот на меѓународните лиценцирани пазари за развој на Мекдоналдс се зголемија за 0,7 отсто во кварталот, со што не ги исполнија  проценките за раст од 5,5 проценти, според податоците на LSEG. Тој дел сочинува 10 отсто од вкупниот приход на Мекдоналдс во 2023 година.

Главниот извршен директор Крис Кемпчински минатиот месец изјави дека развојот на настаните на Блискиот Исток има „значително деловно влијание“ врз Мекдоналдс во регионот и некои области надвор од него поради војната и „поврзани дезинформации“ за брендот.

- Ефектите (од војната) врз одржливоста на заработката се наша најголема грижа. Изгледа дека тоа ќе биде проблем што ќе продолжи и по следниот квартал или можеби дури и два, рече Брајан Мулбери, менаџер на портфолио на клиенти во Закс Инвестмент, кој поседува акции од Мекдоналдс.

Минатата недела, Старбакс, исто така, ја намали својата годишна прогноза за продажба, делумно поради падот на продажбата и прометот во продавниците на Блискиот Исток. Во меѓувреме, потрошувачката во Кина, вториот по големина пазар на Мекдоналдс, исто така остана слаба и покрај мерките за поддршка на владата. Старбакс претходно соопшти дека закрепнувањето на продажбата во Кина е побавно од очекуваното. Мекдоналдс исто така ќе доживее слични трендови во Кина во кварталот, додаде Мулбери од Zacks Investment. ссм/

Остани поврзан