• петок, 05 декември 2025

Над 2.000 лица ќе бидат опфатени со обуки преку Оперативниот план на Владата за вработување

Над 2.000 лица ќе бидат опфатени со обуки преку Оперативниот план на Владата за вработување

Скопје, 30 мај 2025 (МИА) - Над 2.000 лица со различни профили на поддршка согласно нивните потреби, но и пазарните реалности ќе бидат опфатени со мерката обуки во рамките на Оперативниот план на Владата за вработување за 2025 година, информира на денешната прес-конференција портпаролката Марија Митева.

Првата обука, во која се вклучени 245 лица, појасни, ќе биде наменета за невработени лица, регистрирани во Агенцијата за вработување, кај конкретен работодавач, на конкретно работно место. Приоритет ќе имаат жени, млади до 29 години и долгорочно невработени лица.

Во втората обука се опфатени 600 лица, а се однесува за веќе побарувани занимања на пазарот на труд. Фокусот на обуките, според Митева, е потврден со социјалните услуги, зелените работни места и трговијата и услугите.

И за двете обуки е предвиден надоместокот од 12.000 денари месечно.

Владината портпаролка истакна дека се предвидени и обуки за напредни и основни вештини, односно за компјутерски вештини и јазични обуки, со која се опфатени 720 лица.

- Јас лично би сакала да ги истакнам обуките коишто се однесуваат на напредни дигитални и ИТ обуки, коишто се преку лиценцирани програми. Ќе можете од документот да видите за кои обуки, колку актуелни обуки коишто се навистина побарувани во овој период од страна на многу млади, на многу граѓани се вклучени во оваа мерка, колку се навистина истите овие и финансиски оптеретувања за младите. Сега ќе можат да бидат опфатени и да ги искористат 470 лица, а секој учесник ќе добие меѓународно признат сертификат, што значително ќе ја зголеми неговата или нејзината конкурентност на пазарот на труд, рече Митева.

Со Оперативниот план за вработување за 2025 година, нагласи, од пасивни мерки кон активна поддршка, обучување и реална вклученост на пазарот на труд.

- Ова не се само обуки – ова се шанси. Шанси за секој кој сè уште ја чека својата прва работа, шанси за жените кои со години беа оставени надвор од системот, за младите кои бараат нов почеток и за сите кои сакаат да станат дел од нова зелена, дигитална и општествено одговорна економија. Обуките не се само инвестиција во човечки капитал. Тие се показател дека државата конечно се однесува одговорно, нагласи Митева.

Владата, подвлече, ги менува правилата, со посветеност, но и со нудење нови решенија, работа, знаење, перспектива го трасира патот. сс/ев/

ФОТО: Архива 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан