Над 150 млади ликовни уметници во Битола го слават патронот на Детското ликовно студио
- Над 150 млади ликовни уметници, ученици и нивни ликовни педагози од 17 држави во светот денеска во Битола го слават патрониот празник на Детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“, домаќин и организатор на меѓународната детска ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“.
Битола, 24 мај 2025 (МИА) - Над 150 млади ликовни уметници, ученици и нивни ликовни педагози од 17 држави во светот денеска во Битола го слават патрониот празник на Детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“, домаќин и организатор на меѓународната детска ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“.
Новото издание на ликовната колонија „Мал битолски Монмартр“ почна со доделување на наградите за учесниците кои придонесоа за светската изложба, а продолжи со цртање инспирирано од битолската староградска архитектура.
- Според востановената традиција, работниот дел од програмата и овој пат го почнавме на денот на патронот, денот на сесловенските просветители светите Кирил и Методиј, чие име со гордост го носиме од првиот ден на формирањето на студиото, односно од 1981 година. Наши гости се деца од сите страни на светот, од Малезија, Индија, од Полска и Грузија, од Бугарија, Грција, Романија...и од Турција од каде се и годинешните добитници на наградата Гран при. Гостите од Турција и Романија, односно ликовните педагози Вејсел Аџар од Трабзон и Марија Дима од Букурешт, на 26 мај во Битола ќе приредат и посебна дуо изложба, изјави за МИА Славчо Неделковски, претседател на управниот одбор на ДЛС „Св. Кирил и Методиј“-Битола.
Младите ликовни уметници утре ќе престојуваат во Охрид, а на 27 мај ќе творат во манастирот Свети Јован Бигорски.
Меѓународната детска ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“ завршува на 30 мај кога ќе бидат прогласени 12 најдобри млади уметници, најдобар учесник-поединец и најдобро училиште учесник на колонијата во Битола. мт/бак/
Фото: МИА