• петок, 22 ноември 2024

Над 1.000 градоначалници потпишаа петиција за Драги да остане премиер на Италија

Над 1.000 градоначалници потпишаа петиција за Драги да остане премиер на Италија
Рим, 18 јули 2022 (МИА) - Над 1.000 италијански градоначалници   потпишаа петиција со што се бара премиерот Марио Драги, кој во четвртокот понуди оставка, да остане на својата должност. „Владата мора да продолжи“ со работа, се тврди во петицијата, а меѓу потпишаните се и градоначалниците на Фиренца, Рим, Венеција. Претседателот Серџо Матарела не ја прифати оставката на Драги и го повика „да му се обрати на Парламентот ... со цел да се процени ситуацијата“. Италијанскиот премиер сакаше да си даде оставка поради неучеството на Движењето 5 ѕвезди, член на коалициската влада, во гласањето за доверба, побарано од Владата. Градоначалниците во петицијата го осудија „неодговорното однесување“ на Движењето 5 ѕвезди. Воедно, тие истакнаа дека „со неверување и загрижени“ ги следат политичките случувања во Италија. Излезот од кризата настаната поради пандемијата од Ковид-19 и социјалната криза „денес повеќе од кога и да е бараат стабилност, сигурност и единство за да можеме да ги продолжиме промените во нашите градови“, додаваат тие. Поранешниот премиер Силвио Берлускони и лидерот на екстремната десница Матео Салвини, чии партии Напред Италија и Северна лига се дел од владинското мнозинство, изјавија дека веќе не можат да соработуваат со Пет ѕвезди поради нивните „нестручност и несигурност“. Берлускони и Салвини, во заедничкото соопштение, наведоа дека се подготвени за избори „дури и на краток рок“. Инаку, изборите беа планирани за почетокот на 2023 година. бд/

Остани поврзан