Награди и признанија за најдобрите ученици по повод Петровден - празникот на Кочани
- Триесетина најдобри ученици од основните и средните училишта од општина Кочани, кои освоиле награди на државни и меѓународни натпревари во разни области, заедно со своите наставници и ментори
Кочани, 11 јули 2022 (МИА) – Триесетина најдобри ученици од основните и средните училишта од општина Кочани, кои освоиле награди на државни и меѓународни натпревари во разни области, заедно со своите наставници и ментори, присуствуваа на празничната средба што градоначалникот Љупчо Папазов ја приреди по повод Петровден - празникот на градот.
Во знак на благодарност за постигнувањата во текот на минатата учебна година им додели награди и признанија, истакнувајќи дека тоа се прави заради нивно мотивирање и стимулирање, да продолжат со одличниот успех во школувањето и во иднина достојно да ја презентираат општината.
-Посебна чест е да се биде во друштво со успешни млади луѓе, кои се идинината на нашата општина и горди сме на нивните постигнувања, со поддршка од наставниците, училиштата и родителите. Освен во знаења, тие освоија награди и во спортот и во други вештини. Успешноста во образованието и подобрувањето на вештините се клучот за развој на младата личност. Локалната самоуправа и понатаму ќе ве поддржува, затоа што тое е инвестиција во она што е највредно за сите. Убаво е физички и просторно да се запознава и освојува светот, но возвишено е да се надградуваат знаењето и вештините што се носат во себе и сето тоа да се врати во местото од каде што потекнувате, истакна градоначалникот Папазов.
На средбата беше нагласено дека годинава основците од Кочани освоија две први државни награди по биологија и по физика, што значи дека има талентирани ученици што постигнуваат резултати, а наставниците со нив работат сериозно.
Седум ученици од основните и двајца од средните училишта, кои се првенци на генерацијата, од Општина Кочани добија парична награда од по 15 илјади денари, додека учениците кои освоиле први награди на државни натпревари добиваат парични награди од по шест илјади денари.
Првпат годинава признанија за најнаградувани добија две училишта - ОМУ „Ристо Јуруков“ и ОУ „Свети Кирил и Методиј“, а целта е да се истакнат нивните општи заложби да бидат најдобри и да се поттикнат за нови, уште подобри резулти. та/мд/