Награда „Книжевен круг“ за Михајло Свидерски за романот „Синовите на Адам“
- Михајло Свидерски за романот „Синовите на Адам“ ја доби наградата „Книжевен круг“ за проза, што ја доделува Друштвото на писатели „Битолски книжевен круг“, во рамките на 13. меѓународна манифестација „Битолски книжевни паметења“.
Скопје, 12 август 2024 (МИА) - Михајло Свидерски за романот „Синовите на Адам“ ја доби наградата „Книжевен круг“ за проза, што ја доделува Друштвото на писатели „Битолски книжевен круг“, во рамките на 13. меѓународна манифестација „Битолски книжевни паметења“.
Како што соопшти издавачката куќа „Восток“, која во 2022 го објави романот „Синовите на Адам“, на доделувањето на наградата критичарката Елизабета Јончиќ истакнала дека Свидерски „со убедувачки уметнички јазик и стабилен раскажувачки тек нè воведува во општествениот и индивидуалниот свет на приказната за едно разрушено детство и уништен сон, а на крај, преку запечатување на доблеста на простувањето над нечовечноста, романот завршува со големо ослободување“.
Михајло Свидерски (Битола, 1991) е прозаист, поет и преведувач. Автор е на збирките поезија „Низ сонот од магли и дождови“ (2013) и „Ѕвезди што спијат“ (2017). За романот „Бело и Црвено“ (2014), во издание на „Темплум“, ја доби наградата „Новите“ за најдобар дебитантски прозен ракопис.
Во 2019 го објави романот „Последните денови на Ханс“ во издание на „Или-Или“, кој е номиниран за наградата за литература на Европската Унија (EUPL) во 2020 година и влезе во најтесен избор за наградата „Роман на годината“. хс/са/
Фото: Издавачка куќа „Восток“