Наградата „Ладислав Баришиќ“ на Здружението на ликовни критичари доделена на Иванка Апостолова Баскар
- Наградата „Ладислав Баришиќ“ на Здружението на ликовни критичари AICA Македонија ѝ е доделена на д-р Иванка Апостолова Баскар за истражувачкиот проект „Вознемирен критичар - Вознемирувачка критика – Немирна ликовност“.
Скопје, 11 октомври 2025 (МИА) - Наградата „Ладислав Баришиќ“ на Здружението на ликовни критичари AICA Македонија ѝ е доделена на д-р Иванка Апостолова Баскар за истражувачкиот проект „Вознемирен критичар - Вознемирувачка критика – Немирна ликовност“.
Одлуката била донесено едногласно од комисија, во состав Елена Велјановска, Горанчо Ѓорѓиевски и Зоран Петровски, која констатирала дека по десет години од востановувањето на оваа награда, „предлогот на д-р Иванка Апостолова Баскар е всушност прв предлог за труд којшто поаѓа од историјата на критиката во Македонија, видена низ призма на значењето на критичката активност на Ладислав Баришиќ во чија чест е насловена годишната награда на AICA Македонија“.
Комисијата оценила дека проектот на Апостолова Баскар е „значаен придонес во истражувањето на историјата на уметничката критика во Македонија, особено во контекст на делувањето на Ладислав Баришиќ, во чие име се доделува ова признание“.
-Предложениот проект отвора нови критички и теоретски перспективи за разбирање на улогата на критиката во современата уметност и нејзините односи со уметничката практика денес. Како што е наведено во образложението, Апостолова Баскар планира своето истражување да го развие во есеј-филм, кој вклучува компаративна анализа, интервјуа со историчари на уметност, критичари и уметници, како и визуелен сегмент што ќе го претстави процесот како динамичен дијалог меѓу теоријата, праксата и меморијата на критиката. Членовите на Комисијата особено ја истакнаа актуелноста и храброста на темата, како и нејзиниот потенцијал да го разбуди полемичкиот дух во рамките на уметничката заедница и да иницира нови размислувања за функцијата на критиката во културните и општествените процеси, соопшти Здружението на ликовни критичари AICA Македонија.
Со оваа награда, се додава во соопштението, „AICA Македонија и оваа година ја потврдува својата заложба за поддршка и афирмација на критичкото мислење, истражувачките и теоретските практики во современата уметност, како и за зачувување на меморијата и континуитетот на ликовната критика во Македонија“. хс/вг/
Фото: МИА архива