• понеделник, 23 декември 2024

„Нè чека пат“ - нова книга поезија од Санде Стојчевски

„Нè чека пат“ - нова книга поезија од Санде Стојчевски

Скопје, 27 јуни 2023 (МИА) - „Нè чека пат“ е насловот на најновата поетска книга од современиот македонски поет и литературен критичар Санде Стојчевски која излезе деновиве од печат во издание на „Дијалог“ од Скопје.

Поетот, критичарот и есеистот Санде Стојчевски, како што наведува издавачот, е препознатлив со исклучителна творечка посветеност, која се открива како вистинска опсесија со текстот. Тој е осведочен лиричар, но и компетентен промислувач на уметноста на зборот, па оттука неговите книги се одликуваат со едно вдахнато поткревање на текстот и со негова нагласена лирска интонација. Во рамките на лирските слоеви тој вградува поетички елементи, збогатувајќи ги на тој начин опсегот и волуменот на лирската структура.

-Ова се квалитети и својства и на неговата најнова книга. Станува збор за едно ново, лирски поткренато и неотстапно навраќање на неговите, веќе со години прокламирани и аргументирани разбирања на природата на лирската песна, овојпат преку степенување на пристапот, преку проверка низ конкретна лирска пракса и преку очигледна потрага и преиспитување на формулите и патиштата што би можеле да водат кон творечка реализација на пев кој се доближува до атрибутите на поетска структура со елементи на врховност. Со други зборови, песните во најновата книга на Стојчевски се чекори, скали, степени на присност со визијата за песна што би се одликувала со полнота, со нагласен копнеж по неможност од инаков пев, се наведува за новата книга поезија на Стојчевски.

Ваквите свои размислувања, се додава, за разбирање на лирската организација на текстот, Стојчевски веќе со децении наназад ги артикулира, ги аргументира и енергично ги брани во своите книги есеи, критики и полемики.

-Ваквата визија за природата на лирскиот текст сега е згусната во наслов на книга, при што се подразбира дека се работи за патување, за наум да се назначат најветувачките потходи кон осветлување на формулата за извишена лирска катедрала. Несомнено дека станува збор за една ретка творечка светост за визија, за сон, за лирска анабаза. Новата книга на Стојчевски е подготовка за поход кон врховното, кон раскошот на творечкиот хоризонт што ни се отима од посегања.

Прави впечаток, се посочува, и тоа што и во оваа своја поетска книга Стојчевски објавува есеистички прилог во кој на мошне аналитичен начин уште еднаш ги аргументира своите разбирања на природата на лирската песна, изнесувајќи голем број примери од значајни домашни и странски мајстори на песната.

Изданието финансиски е помогнато од Министерството за култура. вг/

 

Фото: корица

Остани поврзан