Му ја запалиле куќата во велешко Капиново, неколку дена пред свадба
- Во Основен суд - Велес, вчера продолжи судската постапка против двајца обвинети дека запалиле куќа во велешко Капиново, неколку дена пред семејна свадба. На претходното рочиште, еден од обвинетите призна вина и веќе имало неправосилна пресуда. Пожарот се случил на 10 мај оваа година, во село Капиново, општина Чашка.
Велес, 4 декември 2025 (МИА) - Во Основен суд - Велес, вчера продолжи судската постапка против двајца обвинети дека запалиле куќа во велешко Капиново, неколку дена пред семејна свадба. На претходното рочиште, еден од обвинетите призна вина и веќе имало неправосилна пресуда. Пожарот се случил на 10 мај оваа година, во село Капиново, општина Чашка.
На вчерашната главна расправа, јавната обвинителка Славица Темелковски во воведен говор наведе дека предмет на оваа главна расправа е кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, од член 292 став 1 вв член 288 став 1. Таа појасни дека се работи за кривично дело што им се става на товар на обвинетите Ѓоре Петровски и Даниел Димески и на сè уште обвинетиот Сашо Муневски, со оглед на тоа што против истиот е донесена пресуда што не е правосилна. За Муневски беше раздвоена постапката, откако тој призна вина.
- Обвинетиот Ѓоре Петровски од само нему познати причини, го поттикнал обвинетиот Сашо Муневски, тој заедно со Даниел Димески да дојде од Прилеп во село Ореше, каде што живее Ѓоре, па заедно со него со возилото што го управувал сведокот Игорче Ѓорѓиоски, се упатиле во правец што им го посочувал обвинетиот Ѓоре. Така стигнале до место викано Капиново, до куќата на оштетениот Давид Јорданов. Тогаш обвинетите Сашо и Даниел влегле во дворот. Сашо со туба запалива течност го посипал подот на куќата, па со запалка го запалил и тоа било доволно куќата да изгори. За среќа, без човечки жртви. Затоа што очигледно добро им било познато дека во тој момент, во куќата нема никој, изјави обвинителката.
Таа рече дека Основното јавно обвинителство доставило бројни докази до судот.
Двајцата обвинети Ѓоре Петровски и Даниел Димески рекоа дека разбрале за што се обвинети, но оти не се чувствуваат виновни.
Одбраната на Ѓоре, рече дека во оваа постапка ќе докажела дека Обвинителството немало доволно докази дека Ѓоре Петровски е сторител на делото.
Адвокатот на Даниел Димески рече дека тој не го сторил кривичното дело за што е обвинет.
Адвокатката на оштетениот Давид Јорданов, во однос на имотно - правното барање, посочи дека со кривичното дело е предизвикана огромна материјална штета, најави оштетно имотно - правно побарување и додаде дека се приклучуваат кон кривичен прогон на обвинетите.
Оштетениот Давид Јорданов од Скопје, појасни дека критичниот ден бил на работа, му се јавил татко му Игор и му кажал дека куќата им била запалена. Веднаш се упатиле таму. Пријавиле во полиција. Инаку, во таа куќа, пред да биде изгорена, постојано живеел татко му. Освен целосно изгорената куќа, таму имало уште два објекта, оштетен бил уште еден објект, покрај куќата. Тој предјави имотно - правно барање и се придружи кон кривичниот прогон.
Неговиот татко Игор Јорданов, рече дека трите објекти во Капиново биле изградени околу 2010 година. Му се јавил пријател и му кажал дека им е опожарена куќата. Била скроз изгорена, до темел, сè уште чадело кога стигнале. На прашање од полиција дали се сомнева во некого, одговорил дека не се сомневал, туку дека точно знаел, кој стои позади палењето на куќата. Тој посочил и татко и син, кои, според него, биле нарачатели на палењето. Бидејќи, како што подвлече, околу година дена пред пожарот, имал закани од едниот од нив двајцата. Во пожарот, имало оштетување и на оградата од дворот.
Игорче Ѓорѓиоски од Прилеп во велешката судница рече дека ги возел обвинетите критичниот ден.
- После работа, си возев и приватно такси. Ми се јави Сашо, кој носеше среден ранец, го зедовме Даниел и отидовме до Ореше по Ѓоре, рече Ѓорѓиоски.
Му било кажано каде да вози и каде да застане, да ги причека двајцата, додека Ѓоре бил во колата. Видел пламен во близина, не знаел за што се работи, но, од страв, не пријавил никаде.
МИА беше и на претходното рочиште во судот.
Полномошникот на оштетениот, адвокатката Билјана Стојковска Палевска, минатото рочиште рече да се има предвид дека не е изгорена само куќа, туку и изгорен и уништен е дом на едно семејство. Нешто, што, освен материјална, има и тоа како сериозна емотивна вредност. бд/са/
Фото: МИА