• среда, 04 декември 2024

Муцунски на редовниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО

Муцунски на редовниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО

Скопје, 3 декември 2024 (МИА) - На покана на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, учествуваше на редовниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО, што се одржа во Брисел, во седиштето на НАТО Алијансата.

- Во рамките на сесијата посветена на југот, во присуство на кралот на Јордан, Абдула Втори, министерот Муцунски, во име на нашата држава и земјите од регионот, Албанија, Хрватска и Црна Гора, ги пренесе ставовите за важноста која Алијансата ја дава на овој значаен регион за НАТО, особено на Јордан како близок партнер на Алијансата, соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

Министерот Муцунски ја истакнал потребата од поблиска соработка во справувањето со заедничките предизвици и закани, како што се тероризмот и одржувањето на стабилноста во регионот. Тој ја акцентирал важноста од отворањето на Канцеларијата за врски на НАТО во Аман, што ќе даде нов поттик во односите помеѓу НАТО и Јордан, како и дополнителна вредност за развојот на партнерските односи со земјите од Јужното соседство.

Муцунски, како што се наведува во соопштението, се обратил и на Советот НАТО – Украина, на кој учествуваа новиот министер за надворешни работи на Украина, Андри Субиха, и високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Маја Калас.

Во своето обраќање, министерот ја потенцирал важноста од продолжување на поддршката што земјите, индивидуално и заеднички во рамките на Алијансата, ја даваат на Украина.

Муцунски, како што се посочува во соопштението, ја истакнал нашата недвосмислена определба за севкупна поддршка на Украина во нивната борба за обезбедување на мирот, независноста, територијалниот интегритет и суверенитетот. Притоа, ја нагласил потребата од реализација на реформските напори на Украина, преку имплементација на зацртаните приоритети што ќе овозможат целосна интероперабилност со земјите членки на НАТО, со цел понатамошна евро-атлантска интеграција на земјата. дма/бак/

Фото:  Министерство за надворешни работи и надворешна трговија

Остани поврзан