• сабота, 17 јануари 2026

Мусијала се враќа во составот на Баерн по седуммесечна пауза

Мусијала се враќа во составот на Баерн по седуммесечна пауза


Минхен, 16 јануари 2026 (МИА) – Еден од најдобрите фудбалери на минхенски Баерн, Џамал Мусијала (22), кој е надвор од терените седум месеци поради сериозна повреда, би можел да се врати на теренот на утрешниот бундеслигашки натпревар против Лајпциг, најави денеска тренерот на Баерн, Винсент Компани.
Мусијала се повреди во јули минатата година за време на Светското клупско првенство, кога ја скрши фибулата во судир со голманот на ПСЖ, Џанлуиџи Донарума, и ги оштети лигаментите на левиот глужд.
„Ако сè оди добро денеска, Мусијала ќе биде со нас. Не очекувам веднаш да биде доминантен играч, туку полека да се интегрира во тимот и во одреден момент да биде 100 проценти подготвен. Кога ќе се вратите по долга пауза, ги цените работите повеќе од порано. Гледам многу позитивна енергија кај Мусијала откако излезе од темниот тунел“, рече Компани.
Мусијала постигна 21 гол и имаше осум асистенции за Баерн минатата сезона. И покрај неговото отсуство, Баерн ја продолжи доминацијата во германското првенство и забележа 15 победи на 17 натпревари со импресивна гол-разлика од 66-13. Второпласираната Борусија Дортмунд е 11 бодови зад Баерн. ег
ФОТО: ЕПА

Остани поврзан