• недела, 22 декември 2024

Муртезани - Хасани: Зајакнување на регионалната стабилност преку заеднички пристап во справување со предизвиците од европската агенда

Муртезани - Хасани: Зајакнување на регионалната стабилност преку заеднички пристап во справување со предизвиците од европската агенда

Скопје, 11 ноември 2024 (МИА) - Министерот за европски прашања на Република Северна Македонија, Орхан Муртезани, денеска во Тирана остварил средба со министерот за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Игли Хасани.

Оваа средба, соопштија од Министерството за европски прашања, ја рефлектира зајакнатата билатерална посветеност за напредување на интегративниот пат кон ЕУ на двете пријателски земји.

Во тој контекст, министерот Муртезани упатил честитки до албанскиот колега за неодамна одржаната втора Меѓувладина конференција ЕУ-Албанија, со што го започнува преговарачкиот процес за членство во ЕУ по поглавја, според ревидираната методологија за проширување, со отворање на преговорите по Кластерот 1 – „Темели“.

- Воедно, тој ја потенцираше подготвеноста на Северна Македонија за отпочнување на преговорите до крајот на годината, што би бил дополнителен импулс за континуитет на заедничките напори во пробивот на европскиот пат, се наведува во соопштението.

Министрите Муртезани и Хасани го реафирмирале традиционалното пријателство и блиските билатерални односи и разговарале за интензивирање на дипломатските врски и зајакнување на регионалната стабилност преку заеднички пристап во справување со предизвиците од европската агенда.

- Тие ја нагласија важноста на регионалната солидарност во овој процес, како и заедничката решеност на Северна Македонија и Албанија да ги испорачаат потребните реформи кои се во согласност со европските стандарди, стои во соопштението и се додава дека министерот Муртезани посочил дека соработката на реформските агенди преку развивање заеднички планови за работа за клучните области овозможува поголема ефикасност и интензивирање на реформските процеси за двете земји. цр/са/

Фото: Министерство за европски прашања

Остани поврзан