Муртезани-Сампедро: Реафирмирана определбата на Северна Македонија за членство во ЕУ
- Муртезани ја поздравил поддршката што Кралството Шпанија ја дава за европската перспектива на земјата и за целиот Западен Балкан. Посебен акцент бил ставен на поддршката за отворањето на Кластерот 1 (Фундаментални вредности), како следен чекор во пристапниот процес, по успешно завршениот скрининг за сите кластери според ревидираната методологија. Муртезани информирал за тековната имплементација на Реформската агенда 2024-2027 и активностите поврзани со Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, особено во насока на дигитална и зелена транзиција, владеење на правото, регионалната соработка и економската отпорност.
Скопје, 29 мај 2025 (МИА) - Министерот за европски прашања Орхан Муртезани во рамки на дводневната работа посета на Мадрид се сретна со државниот секретар за Европската Унија во шпанското Министерство за надворешни работи, Фернандо Мариано Сампедро.
Соговорниците, како што соопшти Министерството за европски прашања, изразиле заемно задоволство од одличните билатерални односи, базирани на заедничките демократски вредности и членството во НАТО.
Муртезани ја поздравил поддршката што Кралството Шпанија ја дава за европската перспектива на земјата и за целиот Западен Балкан. Посебен акцент бил ставен на поддршката за отворањето на Кластерот 1 (Фундаментални вредности), како следен чекор во пристапниот процес, по успешно завршениот скрининг за сите кластери според ревидираната методологија. Муртезани информирал за тековната имплементација на Реформската агенда 2024-2027 и активностите поврзани со Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, особено во насока на дигитална и зелена транзиција, владеење на правото, регионалната соработка и економската отпорност.
- Муртезани, исто така, ја истакна важноста од натамошна шпанска поддршка за принципот на заслуги и неполитизирање на пристапниот процес, со оглед на потенцијалните регионални предизвици кога би се билатерализирал европскиот процес. На средбата беа разгледани и можностите за унапредување на билатералната соработка, особено во економијата, енергетиката, одбраната, културата и образованието, информира ресорното Министерство.
Двајцата соговорници разговарале и на теми од регионално и глобално значење, вклучувајќи ја поддршката на Северна Македонија за Украина, позициите во однос на блискоисточниот конфликт и регионалната стабилност на Западен Балкан. Во овој контекст, министерот го поздравил ангажманот на Шпанија во рамки на Берлинскиот процес и нејзината поддршка за интеграцијата на регионот во Унијата.
Муртезани ја реафирмирал цврстата определба на Северна Македонија за членство во ЕУ и изразил очекување дека со натамошната поддршка од Шпанија, процесот ќе продолжи со засилен интензитет.
Тој упатил покана до државниот секретар Сампедро за возвратна посета на Скопје, со цел продолжување на дијалогот и натамошно продлабочување на соработката. бак/
Фото: Министерство за европски прашања