Мултимедијална промоција на романот „Не ѝ верувај на баба ти“ на Натали Спасова
- Во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје вечер ќе се одржи мултимедијална промоција на новиот роман на Натали Спасова, „Не ѝ верувај на баба ти“.
Скопје, 27 јануари 2025 (МИА) - Во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје вечер ќе се одржи мултимедијална промоција на новиот роман на Натали Спасова, „Не ѝ верувај на баба ти“.
Ова е четврти роман на Спасова, по „Прва љубов во розевата улица“, „Запалка“ и „Двете принцези“, кои се преведени на украински, српски, бугарски и англиски јазик. Спасова е и драматург на театарските претстави „The Visitor“, „Dreamcatcher“, „The Last Slav on Earth“ и „Два пати Мери“, последната е работена според поглавје од нејзиниот нов роман, и ќе биде прикажана во хибридна верзија (видео запис со драмско читање) на вечерашната промоција.
Како што соопшти авторката, „Не ѝ верувај на баба ти“ раскажува за Анастасија, малолетничка која исчезнува на пат кон своето училиште. И додека сите новинари се во трка за подобро да ја покријат веста за нејзиното исчезнување, романот ги следи приказните на девет обични луѓе, кои никогаш не ја сретнале Анастасија, и најверојатно нема ниту да ја сретнат. Сепак, според Спасова, оваа книга не е за Анастасија, ниту за тие девет луѓе.
-Оваа книга е за општеството натоварено со мудрости од претходните генерации, кое гласно ги осудува различните, а ја премолчува вината на сличните, кое отвора очи да го види срамот на другите, а затвора пред нивните маки, и секогаш е зинато, дури и кога нема ништо паметно да каже, вели авторката која е уредник и издавач на романот.
Неговото објавување е финансирано од Министерство за култура и туризам, може да се набави преку веб-страницата на Здружението за промоција на уметноста, културата и театарот „Скоро театар“ во Скопје.бт/хс/
Фото: корица на романот