• среда, 15 мај 2024

Мултикултурни и мултирелигиски едукативни средби во Мијачкиот крај

Мултикултурни и мултирелигиски едукативни средби во Мијачкиот крај

Дебар, 7 октомври 2023 (МИА) - Во рамки на манастирската социјално-образовна мисија во Мијачкиот крај, со благослов на нашиот епископ Антаниски г. Партениј, игумен на Бигорската Обител, неодамна започнаа мултикултурни и мултирелигиски едукативни средби.

Како што изјави за МИА, сестра Ефимија, мултирелигиските едукативни средби имаат за цел да го зајакнат соживотот во овој шаренолик регион. 

-Овој пат, на наша голема радост, присутни беа дел од најмладите од овој крај, без оглед на нивната етничка или религиска припадност. Беше навистина огромно задоволство да се биде дел од ова инспиративно едукативно дружење, на кое преку интерактивен метод децата изразија прекрасни мисли и заклучоци во однос на дадената тема, искажувајќи ја на тој начин радоста од својот веќе утврден соживот, како и најискрена желба за уште поквалитетно заедничарење и конструктивен развој во меѓусебните односи, нагласува сестрата.

Таа потенцира дека не можеше да се сокрие и воодушевувањето кое беше присутно и кај нивните родители, кои пак, од своја страна изразија искрена благодарност кон оваа иницијатива на владиката Партениј и неговите усилби и визија за уште поголем напредок на луѓето од регионот.

-Се надеваме дека оваа добра практика ќе вроди со голем плод и ќе придонесе за соработка со останатите лица и институции, како и со уште поголемо присуство на заинтересираните од сите возрасти, посочи сестра Ефимија. вт/фф/

Фото: Бигорски манастир

Остани поврзан