• недела, 22 декември 2024

МСП му наложи на Израел да отвори копнени премини за хуманитарна помош за Појасот Газа

МСП му наложи на Израел да отвори копнени премини за хуманитарна помош за Појасот Газа

Хаг, 28 март 2024 (МИА) - Меѓународниот суд на правдата при ОН му наложи на Израел да преземе мерки, вклучително и отворање повеќе копнени премини за доставување храна, вода, гориво и други стоки за жителите на Појасот Газа.

Судот издаде два нови т.н привремени мерки во случајот што го покрена Јужноафриканската Република, во кој Израел е обвинет дека извршил акти на геноцид за време на неговата воена кампања, која започна по нападите на палестинската исламистичка група Хамас на 7 октомври. Израел жестоко негира дека извршил такво злосторство и тврди дека неговата воена кампања била во самоодбрана.

„Катастрофалните услови за живот на Палестинците во Појасот Газа дополнително се влошија“, се вели во одлуката на МСП, наведувајќи ги промените во ситуацијата од неговата привремена пресуда на 26 јануари.

Судот донесе одлука откако Јужноафриканската Република побара воведување на повеќе привремени мерки, вклучително и прекин на огнот, поради гладот ​​во Појасот Газа.

МСП рече дека ги посочил новите мерки бидејќи привремените мерки наведени во претходната наредба „не ги решаваат целосно последиците што произлегуваат од промените во ситуацијата“.

Од 26 јануари, „катастрофалните услови за живот на Палестинците во Појасот Газа дополнително се влошија, особено во контекст на долгорочното и широко распространето лишување од храна и други основни потреби на кои се изложени Палестинците во Појасот Газа“, забележува МСП.

Судот на ОН ги потврди претходните мерки и го повика Израел „да ги преземе сите неопходни и ефективни мерки за да обезбеди „непречено обезбедување“ на итно потребните основни услуги и хуманитарна помош, вклучувајќи храна, вода, електрична енергија, гориво, засолниште, облека, хигиена и санитарна услови, како и медицински материјали и медицинска нега за Палестинците низ Газа, вклучително и зголемување на капацитетот и бројот на копнени премини и нивно држење отворени онолку долго колку што е потребно“.

Судот, исто така, му нареди на Израел итно да се погрижи неговата војска „да не врши дејствија што претставуваат прекршување на какви било права на Палестинците во Газа како заштитена група според Конвенцијата за спречување и казнување на злосторството геноцид, вклучително и спречување со каква било акција испорака на итно потребна хуманитарна помош“.

Судот, исто така, побара од Израел да поднесе извештај во рок од еден месец за преземените мерки согласно најновата наредба. ссм/

фото: ДПА

Остани поврзан