• понеделник, 23 декември 2024

Мрежата на филмски институции од Југоисточна Европа го поддржа долгометражниот филм „Не се согласувам“

Мрежата на филмски институции од Југоисточна Европа го поддржа долгометражниот филм „Не се согласувам“

Скопје, 7 ноември 2024 (МИА) - Мрежата на филмски институции од Југоисточна Европа (SEE Cinema Network) на своето 37. генерално собрание одлучи да додели вкупна поддршка од 72.000 евра, распределена на осум проекти кои ќе добијат финансиска помош од по 9.000 евра за нивен развој. Меѓу поддржаните проекти е и македонскиот долгометражен филм „Не се согласувам“, во режија на Кристијан Ристески и продукција на „Фокус Покус“.

На собранието присуствуваше в.д. директорка на Агенцијата за филм, Даниела Станковска Плачковска.

-На собранието, земјите членки на мрежата донесоа одлука да доделат вкупна поддршка од 72.000 евра, распределена на осум проекти кои ќе добијат финансиска помош од по 9.000 евра за нивен развој. Меѓу поддржаните проекти е и македонскиот долгометражен филм „Не се согласувам“, во режија на Кристијан Ристески и продукција на Фокус Покус. Овој проект, во оваа фаза, претставува македонско-кипарско-француска копродукција, соопштија од Агенцијата за филм на Северна Македонија.

Како што посочуваат од Агенцијата, поддржаните проекти беа објавени на престижниот настан Агора, дел од 65-от Меѓународен филмски фестивал во Солун.

-Поддршката од SEE Cinema Network претставува значаен чекор во развојот на филмска продукција во регионот, овозможувајќи им на авторите да ги реализираат своите креативни визии, да го развијат проектот како копродукција и да ја прошират својата публика на меѓународно ниво. Во заложба за транспарентност и во согласност со европските стандарди за статистичко евидентирање, SEE Cinema Network ги објави и процентите на родова застапеност за главните учесници — режисери, продуценти и сценаристи, информираат од Агенцијата за филм.

Оттаму појаснуваат дека при последните поддржани проекти од оваа мрежа, учеството на жените достигна 43 проценти од вкупниот број на соработници, што претставува зголемување за 44 проценти во споредба со минатата година.бт/аа/

Фото: Агенција за филм на Република С. Македонија

Остани поврзан