• недела, 22 декември 2024

Мрежата на земјоделски задруги го одбележа Меѓународниот ден на задругите

Мрежата на земјоделски задруги го одбележа Меѓународниот ден на задругите

Свети Николе, 6 јули 2024 (МИА) - Заканите од климатските промени, проблемите со недоразвиеноста на земјоделството, како и грешките кои се правени во изминатиот период, можат да се решат со здружување на земјоделците, односно формирање на земјоделски задруги порача денеска од Свети Николе, Ѓорѓи Арнаудов претседател на Мрежата на земјоделски задруги.

Тој истакна дека сите институции, почнувајќи од Mинистерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, општините, регионалните центри на планските региони и самите задруги го немаат положено испитот, бидејќи во земјава има само околу 50 задруги, додека во Европа еден земјоделец е член на три или четири задруги. Според него, премногу бавно се одвиваат работите за формирање на земјоделски задруги.

- Ако го гледаме бројот на задругите што се новоформирани и тоа од почетокот на формирањето на организациите 2012 година кога е донесен првиот Закон за земјоделски задруги, па минатата година се укина тој и се донесе само општ закон за задругите, каде што и земјоделските задруги се дел од агендата на Министерството за економија, заради недонесувањето на измените и дополнување на Законот за земјоделството и рурален развој, каде што земјоделските задруги ќе бидат дел од агендата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, институционалната поддршка е во застој, вели Арнаудов.

Посочува дека и финансиската поддршка од страна на државата е нередовна и опфаќа мал број на задруги.

- Потребно е да изградиме заедничка платформа, стратегија за развој од кои ќе произлезат акционите планови. Ќе бидеме искрени пред новата Влада, новиот состав на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство пред нас како асоцијации, научната фела претстојат сериозни предизвици да одговориме на овие прашања. Затоа што секој земјоделец во Европа е член на најмалку три задруги, вели Арнаудов.

Тој истакнува дека нашата земја мора да се приближи кон европските трендови, а едно од решенијата во земјоделството е задругарството со цел да опстои производството, но и да се надминат проблемите со пласманот, како и со цените на производите.

Митко Николов претставник на задругата „Агро Пура“ од село Црешка во Општина Штип вели дека 12 земјоделци и пчелари се здружени, а мед произведуваат во пределот познат „Медена земја“, по филмот кој стаса и до Холивуд, во кој главна хероина беше Атиџе. Пчеларите во оваа задруга имаат над 750 пчелни семејства.

- Ние сме концентрирани повеќе на производство на мед, помалку на другите производи. Медот го пласираме во Македонија, има одредени прекупци коишто го носат и за Косово, пошто медот е од локалитетот Медена земја, вели Николов.

Посочува дека задругите имаат предност, на еден начин со нив се ублажува проблемот со недостиг на работната сила, а конкретно во пчеларството еден пчелар може да работи на околу 100 пчелни семејства, а во задругата има и одредени луѓе кои како што вели Николов се надарени и за трговија да го пласираат медот на пазарот.

Рахела Трнталовска од задруга од Преспанскиот регион вели дека како задруга постојат три години, главна гранка им е производство на јаболка, а имаат и производство на лешници, малини, цреши, сливи, круши. Но, од производите имаат и краен продукт, кој го пласираат на пазарот. Задоволна е од постоењето на задругата, бидејќи како што вели не е само да го произведеш, треба и да го пласираш. Создале и бренд на природен сок „Преспино“, а кои го произведуваат со помош на Националната Федерација на фармери и организација од Шведска. Забележува дека како задруга веќе имаат план за проширување на нивното производство, бидејќи крајните производи им се продавани на пазарот, а добро им оди и со нарачките преку интернет.

Инаку, денеска е Меѓународен ден на задругите и во сите земји се одбележува. На  одбележувањето на Меѓународниот ден на задругите во Свети Николе присуствуваа претставник од ресорното министерство и градоначалниците на општините Свети Николе и Лозово. вдј/ир

Фото: МИА

Остани поврзан