• петок, 05 декември 2025

Моќна премиера на „Црнила“ во прилепскиот театар

Моќна премиера на „Црнила“ во прилепскиот театар

Прилеп, 30 ноември 2025 (МИА) - Синоќа на сцената „105“ ансамблот на прилепскиот театар премиерно ја одигра претставата „Црнила“ од Коле Чашуле во режија на Дејан Пројкоски. Претставата остави силен впечаток кај публиката.

-Актерите ја донесоа приказната јасно, моќно и искрено, а публиката ја почувствува тежината и актуелноста на темите што ги отвора Чашуле. Големи честитки за целиот тим за трудот, ентузијазмот и за тоа што со оваа премиера „Сцената 105“ доби вистински нов почеток, напиша на својот фејсбук профил министерот за култура и туризам Зоран Љутков кој ја проследи премиерата.

На режисерот Дејан Пројковски ова му е прва соработка со ансамблот на театарот „Војдан Чернодрински“ и тоа со претстава, како што вели, која е еден од лајт-мотивите, или, голем рефрен во македонската драматургија.

-„Црнила“ зборува за лекциите кои многу тешко ги учи Македонецот низ историјата. Работејќи ја претставата, постојано имав една мисла: „Македонец уби Македонец за Македонија“. „Црнила“ на Чашуле е еден од текстовите кој го имаме како бреме и секоја театарска генерација, заедно со публиката секогаш се преиспитуваме на истите теми: Што сме направиле и што треба да направиме, или, што сме научиле за некои работи да не се повторуваат. Нашите ликови во „Црнила“ малку се заглавени во калта од сопствените пороци и предавство, а од друга страна, се со константен сремеж и поглед кон небото. Тоа растргнување меѓу желбите и можностите ги прави сите да се растегнуваат како жиците на гитарата. Претставата ја работевме без заземање став. И мило ми е што отвора дијалог за тоа дека мора во одредени моменти да имаме заеднички ставови, а црнилата се секогаш во македонската историја како резултат на поделбите, вели Пројковски.

Во претставата „Црнила“ играа: Сара Спиркоска, Бобан Алексоски, Катерија Чакмакоска-Клинческа, Александар Степанулески, Александар Тодески, Димитар Ѓорѓиевски, Михајло Миленкоски, Илија Волчески. Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимите се на Марија Папучевска, музиката на Горан Трајкоски, а драматург е Лидија Митоска-Ѓорѓиевска.

Паради големиот интетес претставата "Црнила" во декември ќе биде изведена три пати.ем/бк/

фото: Центар за култура „Марко Цепенков“

 

Остани поврзан