Мојсоска ја објаваи кандидатурата за градоначалник на Струга: Македонија е подалеку од Групчин
- Дојде време мојата маленкост да ја објави кандидатурата за градоначалник на Струга, како еден од најголемите предизвици во мојот живот, затоа што Струга е местото со кое сум емотивно поврзана, местото кое ми ги подари најдобрите спомени и местото кое ме изградило и растело низ животниот пат, наведува Јована Мојсоска, пратеничка и кандидат на Левица за градоначалник на Струга во изјава за медиуми, што МИА ја пренесува интегрално.
15 септември 2025
Дојде време мојата маленкост да ја објави кандидатурата за градоначалник на Струга, како еден од најголемите предизвици во мојот живот, затоа што Струга е местото со кое сум емотивно поврзана, местото кое ми ги подари најдобрите спомени и местото кое ме изградило и растело низ животниот пат, наведува Јована Мојсоска, пратеничка и кандидат на Левица за градоначалник на Струга во изјава за медиуми, што МИА ја пренесува интегрално.
Почувствував дека сега е моментот да го прифатам овој предизвик, затоа што стружани се уморни иднината на градот да се креира надвор од Струга и нашиот град постојано да биде паричка за поткусурување на „големите играчи“. Почувствував дека сега е моментот да им се покаже на големите играчи дека „Македонија е подалеку од Групчин“ и дека борбата не смее однапред да биде предадена.
За жал, Струга е заборавена и целосно игнорирана од секоја власт, полека исчезнува нејзиниот лик и сјај пред налетот на корумпираните шерифи - додека градот служи само за поделба на изборните „победи“ од владејачкиот колач. Градот на Охридското Езеро, кој има реноме во светската поезија, кој создал бројни историски херои, писатели, уметници - сега е препознатлив по уништеното крајбрежје, дивите депонии и хаосот од дивоградби кои демнат на секој чекор.
На овие избори нема да ветувам „брда и долини“, но можам да го ветам она што претходно Левица го покажа - а тоа е бескомпромисна БОРБА, борба водена од принципи и идеи, а не борба за тендери и привилегии. Сигурно ние не сме најдобрите, но покажавме дека имаме волја и срце да се бориме за она во кое веруваме дека е од најдобар интерес за мнозинството, а не за интересите на локалните шерифи.
Верувам и знам дека Струга може повеќе, Струга умее повеќе, Струга заслужува повеќе.
Нека овие избори бидат пресвртница на која ќе се покаже дека ГРАДОТ Е НАШ - А НЕ НИВНИ!
Јована Мојсоска - пратеничка и кандидат на Левица за градоначалник на Струга
ПП Левица