• вторник, 05 ноември 2024

Мојсова-Чепишевска: Преку книжевните дела, Делчев е синоним за водач на Македонците

Мојсова-Чепишевска: Преку книжевните дела, Делчев е синоним за водач на Македонците

Скопје, 10 септември 2023

Реферат за историскиот и книжевниот Гоце Делчев на јубилејното десетто издание на меѓународниот научен собир „Његошеви денови“ во Црна Гора.

„За разлика од другите национални книжевности кои имаат негативни иксуства заради присуството на култот на водачот во книжевните текстови, македонската современа книжевност има позитивно искуство. Затоа што Македонија, македонската историја и македонската книжевност и култура го имаат Гоце Делчев. Водачот чие име со пиетет го пееме и во државната химна и во навивачките песни во кои ја искажуваме гордоста што сме негови потомци. А заради култот кон него што е дел од нашата традиција, македонските писатели имаат потреба историските факти да ги преточат во естетски креации, за притоа да откријат и покажат и други димензии на личноста на Делчев. Преку нивните книжевни дела, со својата идеја и со комплексноста на својата личност, Делчев и натаму е синоним за водач на Македонците, и 120 години по неговото загинување“.

Ова се потврди преку рефератот на универзитетската професорка и книжевна критичарка, Весна Мојсова-Чепишевска, на јубилејните Десетти Његошеви денови, кои во организација на Филолошкиот факултет во Никшиќ при Универзитетот на Црна Гора се одржаа во Будва. На сесијата за наука за книжевност и култура на меѓународниот научен собир, која годинава беше посветена и на култот на водачот во словенските книжевности, по повод 120 години од загинувањето на великанот, Мојсова-Чепишевска го презентираше своето истражување за историскиот наспроти книжевниот Гоце Делчев, со повторно осврнување кон романите од поновата македонска продукција, „Куклите на Росица“ од Оливера Николова и „Ако се родат некакви чувства“ од Блаже Миневски.

Потребата од едно вакво книжевнонаучно осврнување, како што има нагласено професорката во својот реферат се должи на тоа што Делчев изникнат од историските факти и обвиткан во естетски креации е битен за нас, Македонците. Но и заради сознанието дека книжевниот Делчев е и сѐ она што не можел да каже историскиот Гоце Делчев. Според Мојсова-Чепишевска, романот на Николова објавен пред 20 години кога се одбележуваа 100 години од загинувањето на Делчев и романот на Миневски, објавен годинава кога се навршуваат 120 години, придонесуваат во реализирањето на нови теми, па дури и на стари теми, преку чинот на ослободување од локалното и регионалното. Преку нив, и Делчев како книжевен лик избива над локалниот и регионалниот книжевен и културен контекст.

- Ова умешно го прави Николова со тоа што на својата Росица ѝ дозволува да биде една од многуте занемени раскажувачки кои ги има во сите (повеќето) (и)стории, да биде хроничар на своето (и лично и колективно) време во кое исклучително место има и Гоце Делчев. Таа немо и послушно ги следи сите кажувања за него и на тој начин ја создава единствената и уникатната кукла со неговиот лик. Притоа се обидува таа кукла да ги оцрта сите негови аспекти, сите негови улоги, сите негови црти, и физички и психолошки, нагласува меѓу другото во својот реферат, Мојсова-Чепишевска.

Според неа, ова умешно го прави и Миневски, во романот кој му е посветен токму на Делчев.

- Таа умешност се согледува и во тоа што историски засведочената љубов меѓу Гоце Делчев и Јанка Каневче, Миневски постојано ја споредува со големите, познати љубови, некои и трагични, неостварени, страсни –  како оние на Гарибалди и Анита, Гете и Шарлота, Бајрон и контесата Гвичоли, Дикенс и Марија Биндел, Флобер и Лујза Коле, Елијар и Гала, Сартр и Симон де Бовоар, Пушкин и Натали, Достоевски и Суслина, како и со љубовите искажани во многубројните писма на Џојс до Нора, на Балзак до Ханска, на Кафка до Милена Јасенска или на Кафка до Дора Дијамант, на писмата меѓу Чехов и Олга... Во нашата колективна меморија која е важна за идентитетот, за нас Македонците, приказната за Делчев и Каневче има или треба да има значење какво што имаат приказните за овие познати љубови за националните култури на нивните протагонисти. Затоа што преку оваа приказна, во нашата колективна меморија можат да живеат и други, важни димензии на личноста на Делчев, кои ги нема во историските читанки, подвлечено е во рефератот на Мојсова-Чепишевска.

Универзитетската професорка и книжевна критичарка и нагласува: Јасно е дека „Гоце е национален херој, учесник во револуционерното движење, деец на револуционерната организација, идеолог, организатор и водач на македонското ослободително движење од крајот на деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век, бескомпромисен борец за самостојна македонска држава, и така натаму.“, како што пишува Миневски. Ама, тоа е јасно за нас, Македонците. Но како другите да го запознаат, како другите да знаат за кого станува збор? Токму преку ваквите приказни раскажани во вакви романи во кои се користи проторот на слободата од локалното и регионалното, а повторно со почит кон своето.

Настојувајќи да го исцрта оној Гоце Делчев ситуиран помеѓу историографијата и имагинацијата, во исчитувањето на двата романи од поновата македонска продукција, во истражувањето Мојсова-Чепишевска остварува книжевна анализа преку која ги издвојува сите сегменти што го портретираат книжевниот Делчев, различен од историскиот. Притоа, во рефератот и констатира: „Ако биографиите и фељтоните, а со нив и историите, им се обраќаат на читателите од сите идни времиња, фикцискиот Гоце Делчев му се обраќа, исклучиво, на своето „Јас“! Или, овој фикциски Гоце Делчев е сѐ она што не можел да каже (што не кажал) историскиот Гоце Делчев!“

Но, во исто време, во трудот, Мојсова-Чепишевска и теориски се осврнува кон ваквиот тип современа проза кон кој се вбројуваат романите „Куклите на Росица“ од Николова и „Ако се родат некакви чувства“ од Миневски.

- Нашето време е време на постмодернистичката фикција која од своја страна сугерира одново да се напише минатото во фикција или во историја. Со тоа таа прави обид да се реисторизираат, а не да се деисторизираат – уметноста и теоријата, при што воедно се употребуваат и се злоупотребуваат модусите на историографијата (Hačion 1996: 370). Новиот историцизам смета дека историјата може да се чита како текст, со што се оневозможува едноставна дистинкција помеѓу литературата и историјата. Всушност, текстуалноста на историјата е една од причините поради кои минатото не може целосно да се реконструира. Свесни сме дека никогаш не се достапни сите можни извори, поради уништливоста на супстанцијата и поради буквалната материјалност на дискурсот, напоменува во рефератот меѓу другото.

Во ова ново книжевнонаучно осврнување кон историскиот и книжевниот Гоце Делчев, Мојсова-Чепишевска и напоменува дека во случајот со пишувањето историја и со пишувањето роман, се појавува суштинска сличност, затоа што романот и историјата се производ на автономна или самоавторизирачка активност, која повторно лежи a priori во имагинацијата. 

- Откако историчарот ќе одбере каква приказна ќе му послужи за нарацијата, самиот процес на селекција и на сижетирање (т.е. интегрирање на разните факти во сиже со значење) на навидум хаотичниот и некохерентен материјал на приказната е предусловен од структурата на дадената археприказна. Ако го прифатиме мислењето на Хајден Вајт дека историографијата „не е ништо повеќе од процес на создавање фикција“, а историскиот текст „не е ништо друго освен литературен артефакт“ (Engler, 1994: 25), тогаш се наметнува прашањето: „На што се претстави историските слики (репрезентации), доколку тие се далеку од тоа да бидат претстави на некоја универзално разбирлива историска реалност?“ (Engler, 1994: 25). Одговорот на Вајт е дека историите никогаш не треба да се читаат како непристрасни знаци на настаните што ги изнесуваат, туку како симболички структури или проширени метафори. Во оваа препорака на Вајт лежи и импулсот за потребата од нови теми во современата македонска книжевност, тотално ослободени од локалното, односно регионалното и националното, како и потребата за поширока рецепција надвор од македонската книжевна средина. Во тој протор на слободата се создадени и овие два романи од поновата македонска продукција, подвелечено е во рефератот.

Со овој реферат на Весна Мојсова-Чепишевска, ден по чествувањето 32 години самостојна и независна македонска држава, темата за историскиот и книжевниот Гоце Делчев беше дел и од дискусиите на годинешното, десетто издание на меѓународниот научен собир „Његошеви денови“ во Црна Гора, на кое учествуваа повеќемина книжевни истражувчи од Македонија.

Инаку, на овој меѓународен научен собир, учесници се еминентни лингвисти, книжевни научници и културолози од европските земји, а македонски истражувачи учествуваат уште од првото издание на собирот.

 

 Иван Антоновски, асистент на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ

—————————————————————————————————————————

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: Иван Антоновски

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан