• вторник, 19 ноември 2024

МОН: Учебната година започнува на 1 септември, во тек подготвителни активности за успешен старт

МОН: Учебната година започнува на 1 септември, во тек подготвителни активности за успешен старт
Скопје, 11 август 2022 (МИА) - Учебната 2022-2023 година ќе започне на 1 септември и за оваа цел, веќе се усвоени и објавени Kалендарите за организација на работата на јавните средни училишта и на основните училишта во новата учебна година, информира Министерството за образование и наука. Од МОН посочуваат дека во соработка со Бирото за развој на образованието и другите надлежни институции интензивно работат на обезбедувањето на сите неопходни услови за успешен почеток и тек на наставата. -Во тек се повеќе инвестициски активности за изградба на нови и реконструкција на постојни училишни објекти, за изградба на спортски сали, набавка на опрема за дел од училиштата, поставување на 265 кабинети по природни науки во основните училишта и слично, велат од МОН. Особено важно, како што посочуваат од Министерството, е да се потенцира дека втора година по ред продолжува етапната имплементација на најкрупната образовна реформа во основното образование која треба значително да го унапреди квалитетот на наставата, а училиштето да стане поинтересно место за младите. -По воведувањето на нови наставни програми за учениците од прво и четврто одделение минатата учебна година, сега нови наставни програми се подготвени и за второ и петто одделение, а во фаза на изработка се и нови учебници врз основа на истите, по сите предмети во соодветните одделенија, истакнуваат од МОН. Оттаму наведуваат дека сите постапки за одобрување на учебниците за прво, вторo, четврто и петто одделение за кои се изготвени нови наставни програми, се во различна завршна фаза на одобрување, така што, при евентуално пролонгирање на постапките и по стартот на учебната година, учениците ќе го совладуваат знаењето преку подготвени соодветни материјали, додека не ги добијат новите учебници. За останатите одделенија, набавката на учебници со откуп исто така е во завршна фаза и се очекува да бидат дистрибуирани до училиштата кон крајот на овој месец. Министерството информира дека сите учебници за четврто и за погорните одделенија, освен во печатен формат, ќе бидат достапни и во електронска верзија на порталот e-ucebnici.mon.gov.mk. дма/бак/      

Остани поврзан