• петок, 22 ноември 2024

МОН објави огласи за автори и илустратори на материјали за учење за прво одделение

МОН објави огласи за автори и илустратори на материјали за учење за прво одделение
Скопје, 14 април 2021 (МИА) - Министерството за образование и наука објави огласи за изработка на материјали за учење и за ликовни илустратори односно графички дизајнери за изработка на илустрации за деца, со што почнува подготовката на материјалите од кои ќе учат првоодделенците од учебната 2021/2022, согласно со новата Концепција за основно образование. Сите содржини во материјалите за учење, како што соопшти МОН, треба да се базирани на современи, научно засновани и релевантни сознанија, а сите примери и активности да бидат креирани на начин да се интересни за учениците и да се во релација со нивните искуства. Исто така, ликовните илустратори/графичките дизајнери треба да соработуваат со авторските тимови кои ќе работат на подготовка на материјали за учење. На тој начин ќе се овозможи нивна квалитетна визуализација, што е значајно за учениците од прво одделение. Наставните материјали со текстуалната и визуелната содржина треба да овозможат совладување на основните вештини по одделните наставни предмети. Основната цел на новата концепција, посочува Министерството, е во фокусот на образованието да бидат учениците, односно преку квалитетна настава кај децата да се развие критичко размислување, креативност и граѓански вредности. Наставните материјали се изготвуваат согласно наставните програми за прво одделение, кои се усогласени со Концепцијата за основно образование и со сите стратегии и пристапи на настава и учење коишто се промовираат со неа. - Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, како носител на процесот, очекуваат и повикуваат на огласите да се јават искусни практичари кои ќе понудат креативни материјали и илустрации соодветни на возраста на учениците и на барањата за постигнување на резултатите од учење определени во секоја тема од наставните програми, наведува МОН. хс/скс/  

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан