• четврток, 26 март 2026

Монодрама и уметничка инсталација вечер во Центарот за култура Крива Паланка

Монодрама и уметничка инсталација вечер во Центарот за култура Крива Паланка

Крива Паланка, 12 септември 2025 (МИА) - Уметничката јавност од Крива Паланка вечер ќе може да ужива во два настана, бесплатно достапни за сите генерации, љубители на театарската и ликовната уметност.

На сцената на Националната установа Центар за култура Крива Паланка од 19 часот ќе биде изведена  монодрамата „Кротка", а од 19:45 ќе биде отворена уметничка инсталација на академскиот сликар Анета Стојчевска.

Монодрамата „Кротка" по текст на Фјодор Михајлович Достоевски „носи порака на театар што тишти и ослободува во исто време“, велат организаторите.

-Една жена, една приказна, илјадници тишини меѓу зборовите. Длабока психолошка драма за вината, љубовта, тишината и човечката немоќ. Монодрамата „Кротка“ ве повикува во интимен простор каде што гласот на совеста зборува најгласно. Без сценски украси, без врева, само актерот Сашко Орешков, текстот и публиката, посочуваат од НУ Центар за култура Крива Паланка.

Во фоајето на установата, пак, официјално ќе биде отворена најновата амбиентална инсталација  релјефи на академската уметница од Крива Паланка, Анета Стојчевска. Се работи за инсталација каде што просторот, светлината и темнината стануваат дел од просторот.

-Поставката е насловена „Драма терапија - сон на летната ноќ", суптилна игра на сенки, текстури и емоции, со неисцртани граници помеѓу присуство и отсутност, стабилност и кревкост, светлина и темнина, точки во просторот и релјеф, наведува организаторот. ид/хс/ 

Фото: НУ Центар за култура Крива Паланка 

Остани поврзан