• петок, 22 ноември 2024

Мозаици од ранохристијанската базилика во Октиси изложени во црквата „Свети Никола“

Мозаици од ранохристијанската базилика во Октиси изложени во црквата „Свети Никола“
Струга, 8 ноември 2022 (МИА) - Дел од мозаиците од ранохристијанската базилика, откриени при изградба на црквата „Свети Никола“ во струшкото село Октиси се достапни за јавноста во посебен изложбен простор во склоп на комплексот. Мозаичните фрагменти, стари повеќе од 1.500 години, се откриени при изградба на денешната црква „Свети Никола“, во 1927 г., како подни мозаици од ранохристијанска базилика, датирана на крајот на V и почетокот на VI век. - Мозаикот е фрагментарно сочуван, но стручните лица кои го обработувале, презервирале и конзервирале настојувале да се добијат што поголеми целини, во што и успеале. Изваден е во 1990 година, пренесен во Струга, обработуван и за првпат во Македонија лиен е на подлога од алуминиумско саќе, која ќе го заштити од пропаѓање и трулење, а воедно ќе го направи лесно пренослив, односно достапен за подготвување разни изложби, информира за МИА кустос археолог Светлана Наумоска, вработена во НУ музеј „Д-р Никола Незлобински“ од Струга. Во спомен-домот на браќата Миладиновци, појасни дека е изложен мозаикот од северниот анекс на нартексот, кој е целосно и најдобро сочуван. - Во декорацијата на надворешниот дел доминираат геометриски елементи, а во центарот има бордура од бршлен која ја инкорпорира розетата, со наизменично обоени листови, кои пак на тој начин го формираат Христовиот знак. Како најзначаен се издвојува централниот дел на мозаикот, кој единствен на Балканот го претставува изгледот на Христовиот гроб во Ерусалим. И овој мозаик е така изложен во спомен - домот на Браќата Миладиновци во Струга, истакна Наумоска. Според неа, во нартексот доминирале и геометриски мотиви, како квадрати, триаголници, кругови, ромбови. Но во некои полиња со распоредот на линеарната орнаментика или различното обојување на елементите, се добиени крстообразни детали, како мотиви од христијанството. - Во наосот, чија површина е доста оштетена и делови од композицијата недостасуваат декорацијата се состои од бордура со гранки од бршлен, чии листови се опкружени со ластери. Во внатрешноста на наосот доминираат геометриски мотиви: квадратни, кружни и ромбоидни полиња, исполнети со зракасти елементи, концентрични кругови и стилизирани тролисни вегетабилни мотиви, кои ја следат смирената линија на цртежот, додаде кустосот. При изработка на мозаикот биле користени камчиња обоени во бела, црна, црвена и окер боја. Изработен е во техника opus tessellatum. Вкупната површина на откриениот мозаик е околу 100 квадратни метри. Базиликата, како што иницираат откриените и сочувани архитектонски остатоци била многу поголема во времето кога била изградена. Површината била околу 500 метри квадратни, но поголемиот дел бил уништен од забот на времето. Проектот со кој се изложени дел од мозаиците од ранохристијанската базилика, во склоп на сегашната црква „Свети Никола“ е реализиран со поддршка на Министерство за култура и Црковниот одбор на селото Октиси. Во дворот на црквата изграден е објект со намена Конак за преноќевање, во чиј приземен дел има голема просторија, која е адаптирана како изложбен простор. - Целта на членовите во црковниот одбор и на други мештани била во оваа просторија да бидат поставени мозаичните фрагменти, кои се откриени при изградба на денешната црква Свети Никола. На овој начин мозаичните фрагменти кои со години се чувани во депо, конечно се изложени и достапни на секој кој сака да ги посети, да се восхитува на нивната убавина и прецизност во изработката, рече Наумоска. сс/дма/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан