• петок, 27 декември 2024

Можни безбедносни пропусти на предизборниот митинг на Трамп во Пенсилванија

Можни безбедносни пропусти на предизборниот митинг на Трамп во Пенсилванија

Вашингтон, 14 јули 2024 (МИА) – Обидот за атентат врз поранешниот американски претседател Доналд Трамп за време на предизборен митинг во Батлер, Пенсилванија иницира прашања како тој е заштитен и зошто имало безбедносни пропусти на Тајната служба.

Би-би-си објави дека едно лице се безуспешно се обидувало да ја предупреди полицијата и американската Тајна служба за наводен снајперист, кој се качува на кров на зграда во близина на местото каде се одржуваше предизборниот митинг.

- Забележавме како еден човек се качува на кровот на зградата оддалечена од нас околу 50 стопи (200 - 300 метри). Имаше пушка, јасно го видовме него и пушката. Помислив зошто Трамп сè уште зборува, зошто не е тргнат од бината? Следно што слушнав е пет истрели, изјави очевидецот именуван само како Грег за Би-би-си.

За безбедноста на Трамп, како поранешен претседател и републикански претседателски кандидат првенствено е задолжена Тајната служба, а при митинзите помага и локалната полиција во обезбедување на локацијата, а повремено помагаат и агенти од други агенции од Министерството за внатрешна безбедност, како што е Управата за транспортна безбедност.

Најголемиот број митинзи на Трамп се одржуваат на отворено, на кои приуствуваат илјадници поддржувачи, а траат со часови. Пред настанот, агентите го пребаруваат местото за бомби или други закани, а Трамп секогаш пристигнува во конвој со придружба.

Органите за спроведување на законот обично поставуваат бариери како периметар и бараат од сите учесници да поминат низ детектор за метал за да влезат во областа. Вооружени чувари ги претресуваат чантите, па дури и паричниците на сите учесници.

Според првичните извештаи во медиумите, нападот вчера го извршил вооружен снајперист, кој бил надвор од обезбедениот периметар.

Во меѓувреме, американското Федерално истражно биро (ФБИ) соопшти дека го откри идентитетот на лицето кое пукаше врз Трамп

- ФБИ го идентификува 20-годишниот Томас Метју Крукс, од Бетал парк, Пенсилванија, како човек вмешан во обид за убиство на поранешниот претседател Доналд Трамп на 13 јули во Батглер, Пенсилванија, се наведува во соопштението на ФБИ.

Трамп е повреден во десното уво, но како што и самиот изјави, тој е добро.

Осомничениот за обид за атентат е елиминиран од американската Тајна служба. ми/

фото: ЕПА

Остани поврзан