• петок, 22 ноември 2024

Може да се чуваат свињи под одредени критериуми во фармите во Брегалничкиот регион

Може да се чуваат свињи под одредени критериуми во фармите во Брегалничкиот регион

Штип, 14 април 2023 (МИА) - Стабилна е состојбата со афринската свинска чума во Брегалничкиот регион. На фармерите, но и на жителите од руралните средини од овој регион дозволено им е да одгледуваат свињи, но под одредени услови. Потпретседателот на Асоцијација на земјоделци, Гоце Сарафимов вели дека оние кои чуваат помалку свињи треба да исполнат помали критериуми, а оние со поголем број и поголеми, но и во двата случаи важи обврската свињите да ги купат од фарми со мал и среден ризик, а треба да добијат и соодветен сертификат од овие фарми.

- До скоро не беше, сега веќе е одобрено и на тие малите кои чуваат, ставено е во повеќе категории, да кажеме има од една до десет мајки да можат да чуват, ама треба да се исполнат некои услови, треба да и биде ограден објектот, односно фармата, а претходно треба да дојде соодветно ветеринарно друштво да направи дезинфекција и со тоа треба да се даде изјава која оди кај ветеринарен инспектор и да се чува повторно свињи. Кај оние кои чуваат повеќе свињи има построги критериуми, рече Сарафимов.

Надлежните од Агенцијата за храна и ветеринарство потврдуваат состојбата со африканската свинска чума во источниот регион е стабилна, а само во две населени места во кумановскиот регион се на сила рестриктивните мерки за заштита од болеста.

- Во сите други општини, може да се врши репопулација ( повторно населување на животни на фармите) но, само откако ќе бидат преземени сите пропишани мерки за заштита, односно, само откако стандардите во поглед на биосигурносните мерки на фармите бидат подигнати на највисоко ниво и откако по спроведената контрола од страна на официјален ветеринар и направената категоризација, фармата ќе биде категоризирана со среден или низок ризик, се вели во пишаниот одговор од Агенцијата за храна и ветеринарство.

На 15 август 2022  добиточниот пазар во село Облешево, Општина Чешиново - Облешево беше забранет за промет на свињи и на сите останати видови животни, заради потврда на болеста во пет одгледувалишта во Општина Чешиново Облешево.  Добиточниот пазар во село Облешево е отворен за продажба на стока, но не и за свињи.

Сарафимов  истакна дека 92 проценти од фармите се во нелегални објекти, што им ги затвора вратите на ИПА фондовите. Тој истакна дека на иницијатива на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе се бара модус, како овие објекти да се легализираат, со што ќе имаат пристап до европски пари за оваа намена. вдј/цр

 
Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан