• четврток, 14 ноември 2024

Модриќ и Начо се изедначија со Бензема и Марсело по бројот на трофеите со Реал Мадрид

Модриќ и Начо се изедначија со Бензема и Марсело по бројот на трофеите со Реал Мадрид

Мадрид, 5 мај 2024 (МИА) - Лука Модриќ и Начо се изедначија за најмногу трофеи во историјата на Реал Мадрид со клупските легенди Карим Бензема и Марсело. Хрватскиот играч за врска и шпанскиот дефанзивец синоќа го освоија 25-от триумф во Примера.

Даниел Карвахал веќе има 24 награди со тимот на „кралевите“, а тој, Модриќ и Начо имаат шанса да додадат уште еден вреден трофеј пред крајот на сезоната. Во среда на стадионот „Сантијаго Бернабеу“ претстои полуфиналниот реванш во Лигата на шампионите со Баерн Минхен, откако „белиот балет“ ремизираше 2:2 на првиот меч во Баварија. Друга славна личност во белиот дрес - Тони Крос - има 22 трофеи.

Самиот Модриќ уште еднаш испиша историја за Мадрид со тоа што стана најстариот играч за „Лос Бланкос“ во лигашки натпревар во победата од 3-0 над Кадиз со 38 години и 238 дена, со што го надмина претходниот рекорд на Ференц Пушкаш од 38 години и 233 дена.

На социјалните мрежи кружи уште еден љубопитен факт за хрватската легенда на Реал - на 27 години го напушти Тотенхем со 0 трофеи во колекцијата, додека сега, 12 години подоцна, веќе има 25 со Мадрид. дс

Фото: Архива

Остани поврзан