МНР: За патувањето на синот на Мицкоски не се потрошени средства од буџетот на државата
- Министерството за надворешни работи и надворешна трговија денеска преку соопштение ги отфрла тврдењата на СДСМ кои побара од премиерот Христијан Мицкоски да каже дали на државен трошок во САД и да ги објави приватните сметки за картата и трошоците за синот.
Скопје, 14 јули 2024 (МИА) - Министерството за надворешни работи и надворешна трговија денеска преку соопштение ги отфрла тврдењата на СДСМ кои побара од премиерот Христијан Мицкоски да каже дали на државен трошок во САД и да ги објави приватните сметки за картата и трошоците за синот.
-Воедно, би сакале да ја информираме јавноста дека, делегацијата на Самитот на НАТО беше точно определена од страна на Алијансата и таа броеше вкупно 21 член, согласно протоколите на НАТО. Притоа, потенцираме дека Јован Мицкоски, синот на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски не беше еден од членовите на делегацијата, иако претседателот Мицкоски имаше покана за придружба од член на семејството, се вели во реакцијата од Министерството.
Истовремено, информираат дека за патувањето на Јован Мицкоски не се потрошени средства од Буџетот на Република Северна Македонија.
Посочуваат дека за сите дополнителни информации, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија останува отворено за јавноста.
Откако СДСМ побара од премиерот Христијан Мицкоски да каже дали на државен трошок во САД го носел синот и по реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ, од СДСМ бараат тој да ги објави приватните сметки за картата и трошоците за синот.
-Ако Мицкоски тврди дека приватно го плати патувањето и сместувањето на синот, тогаш треба да ги објави јавно тие сметки, но и Владата транспарентно да ја објави листата од сите кои патувале на државен трошок. Еве шанса на дело да ја покажат транспарентноста која постојано ја повторуваат дека ќе биде основно начело на работење на новата Влада. Ова е најмалку што може да направи Мицкоски, бидејќи за граѓаните е крајно симптоматично што самиот Мицкоски не објави ниту една фотографија од ова патување со синот, туку тоа случајно медиумите и граѓаните го дознаа од објавата на Универзитетот Џон Хопкинс, се вели во соопштението на СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ претходно одговорија дека синот на Мицкоски не бил дел од официјалната делегација и дека сите трошоци се подмирени приватно од семејството на Мицкоски.
-Синот на Мицкоски не е дел од официјалната делегација во НАТО самитот. Иако претседателот Мицкоски има право на придружен член на делегација, патувањето на неговиот син државата не ја чини ништо, односно сите трошоци се подмирени приватно од семејството на Мицокски. За разлика од времето кога премиерот на СДС Ковачевски ги донесе децата како членови на официјална делегација. Ако делегацијата сакала да сокрие нешто сигурно немаше да има фотографии од истата. Напротив се е транспарентно, се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ. фф/нд/
Фото: МИА архива