МНД-Битола ја промовира поетската книга „Небо врз црвливи диреци“ од Божин М. Андоновски
- Македонско научно друштво – Битола ја промовира поетската книга „Небо врз црвливи диреци“ од Божин М. Андоновски, кој според рецензентот Борче Панов, е извонреден лиричар кој го открива контрастот на нештата во овој свет.
Битола, 20 јуни 2025 (МИА) - Македонско научно друштво – Битола ја промовира поетската книга „Небо врз црвливи диреци“ од Божин М. Андоновски, кој според рецензентот Борче Панов, е извонреден лиричар кој го открива контрастот на нештата во овој свет.
На промотивниот настан во Битола, освен Панов, говореа професор д-р Златко Жоглев и професор д-р Гордана Стојаноска.
-Како извонреден лиричар Андоновски постојано ни го открива контрастот на нештата во овој свет во кој сè повеќе го снемува човекот и врз лицето на глобусот ни ја создава фантастичната метафорична слика за ветрот кој го персонифицирал како пајак што ни ја плете црната пајажина што ни навлегува во мислите и го слушаме како гавран што нè клука како длето и во нас го ваја стравот од сето она што се случува пред сите закани на уништувањето, истакна рецензентот Панов.
Според професрот д-р Златко Жоглев „Небо врз црвливи диреци“ е поетска збирка која нуди длабоки размислувања и емоционални доживувања, претставени преку префинето избрани зборови и ритмика, додека пак според професор д-р Гордана Стојановска, книгата „Небо врз црвливи диреци“ на Божин М. Андоновски е потрага по најдлабокото чувство кое авторот го врзува со реалноста, најчесто изопачена и неретко сурова и сирова до болка.
Поезија од делото на Андоновски читаше професор д-р Даниела Андоновска-Трајковска, претседателка на МНД-Битола која воедно го модерираше промотивниот настан. мт/ац/
Фото: МИА