• петок, 05 декември 2025

МНД-Битола со изложба „Битолска меморија“ во чест на денот на празникот на градот

МНД-Битола со изложба „Битолска меморија“ во чест на денот на празникот на градот

Битола, 4 ноември 2025 (МИА) - Македонското научно друштво (МНД) - Битола во просториите на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола отвори изложба на фотографии, архитектонски приказни и книги во чест на Денот на ослободувањето на Битола со наслов „Битолска меморија“.

Изложбата ќе биде отворена до крајот на седмицата, а може да се посети и виртуелно на следниов линк http://bitolskamemorija.mk/, истакна професор д-р Даниела Андоновска-Трајковска, претседателка на МНД-Битола.

-Изложбата нè води низ тивките слоеви на Битола каде секоја фасада и секоја улица носат свој спомен. Ова е можност да погледнеме наназад, но и да се потсетиме колку е важно да го негуваме културното наследство што го имаме, истакна Андоновска-Трајковска.

Соорганизатор на изложбата е Националната установа Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“-Битола, како дом на книгата и пишаниот збор, нагласи директорката на таа установа, м-р Емилија Стефановска-Давкова.

-Со гордост истакнувам дека Битола е дом на книгата и пишаниот збор, а нашата библиотека често прави изложби на книги и периодични списанија кои се со релевантни податоци и говорат за градот наш со историска длабочина и документарна точност, посочи Стефановска–Давкова.

На промотивниот настан се обрати и м-р Стефан Караџовски, член на МНД, претседател на Cultural Connection и координатор на проектот кој истакна дека Битола не зборува гласно, туку со детаљ, светлина и време впишано во камен и архитектура.

-Ова е наш обид да ѝ возвратиме со внимание, љубов и почит, да го негуваме тоа што нè обликува и да го зачуваме тоа што не потсетува кои сме, нагласи Караџовски на свеченото отворање на изложбата „Битолска меморија“. мт/мд/

Фото: МИА

Остани поврзан