• недела, 22 декември 2024

ММФ: Постигнат договор со Србија за четвртaта ревизија и за нов трогодишен аранжман

ММФ: Постигнат договор со Србија за четвртaта ревизија и за нов трогодишен аранжман

 Белград, 16 октомври 2024 (МИА)- Тимот на Меѓународниот монетарен фонд постигна договор, на тимско ниво, со Србија за четвртата ревизија на стенд-бај аранжманот (SBA) и за барањето за Инструментот за координација на политиките (PCI) за времетраење од 36 месеци, соопшти денес ММФ.

-PCI е инструмент кој не вклучува финансирање и е наменет за поддршка на силни економски политики. Договорот треба да биде одобрен од Извршниот одбор на ММФ и се очекува да биде разгледан од Бордот во декември 2024 година, соопшти ММФ.

Од таму посочуваат дека макроекономските резултати во Србија се уште се силни.

-Растот и пазарот на труд се робусни, а инфлацијата се намали. Девизните резерви се на рекордно ниво, а товарот на јавниот долг продолжува да паѓа, наведоа од ММФ.

Во рамките на PCI инструментот, како што е наведено, Србија се обврзува дека фискалниот дефицит нема да надмине 3,0 отсто од БДП во периодот од 2025 до 2027 година, дека дополнително ќе се приоретизираат трошоците во случај на фискални шокови и дека зголемувањето на платите и пензиите ќе биде во согласност со нејзините фискални правила. PCI ќе воспостави рамнотежа помеѓу потребите на јавните инвестиции и социјалните расходи во Србија и континуираната фискална дисциплина, со цел да се поддржи одржливиот раст, а јавниот долг да продолжи да опаѓа.

Министерот за финансии на Србија, Синиша Мали, изјави дека новиот аранжман официјално ќе започне во декември 2024 година и ќе трае до крајот на 2027 година и истакна дека ова е добар и јасен сигнал за граѓаните, домашната економија и странските инвеститори.

-Добрата вест е што успеавме да постигнеме договор за нов аранжман, кој ќе биде од нефинансиски карактер и ќе трае во наредните три години, односно во текот на големиот инвестициски циклус што не очекува до одржувањето на специјализирана изложба Експо 2027, изјави Мали се наведува во соопштението на ресорното министерство.

Мали рече дека претставниците на ММФ констатирале дека макроекономските показатели се импресивни и дека за оваа година предвидуваат раст од 3,9 отсто, а за следните години предвидуваат дека економијата ќе порасне повеќе од четири отсто.

-Во наредниот период ќе инвестираме многу во капитални проекти што ќе придонесат за нашиот економски раст, но мораме да бидеме фискално одговорни, па се согласивме дека тоа дефинитивно ќе биде една од целите, рече Мали.

об

Остани поврзан