• петок, 05 декември 2025

Млади од Куманово се едуцираат за ненасилна комуникација

Млади од Куманово се едуцираат за ненасилна комуникација

Куманово, 9 јуни 2025 (МИА) - Младите од Куманово станаа едукатори и преку позитивни примери покажаа како треба да им се помогне на врсниците за ненасилна комуникација и медијација на денешната манифестација во Занаетчискиот дом во рамки на проектот „Заедно сме посилни преку врсничка едукација за подобро ментално здравје и ненасилна комуникација“ која ја спроведува здружението „Доверба“.

Младите преку работилници се едуцираа како да се справат со стресот, ги научија да побараат поддршка, како самите да бидат поддршка за нивни врсници на ниво на училишни тимови.

-  Опфатени беа скоро 300 ученици кои преку училишните тимови и работилници се обучија за емоционални и психолошки потреби на младите, за препознавање и поддршка во кризни ситуации, како да се зачува менталното здравје на младите како предизвик. Првично обучените ги едуцираа своите врсници. Како долгогодишен психолог, мора да кажам дека никој нема повеќе влијание врз учениците отколку нивната средина, изјави Дивна Јанкова, едукатор и психолог од здружението „Доверба“.

Целта на програмата е да се поддржи менталното здравје, да се зајакне психосоцијалната и социо-емоционалната компетентност кај младите луѓе, како и кај образовниот персонал и да се создаде безбедна, поддржувачка и ненасилна средина во средните училишта.

- Ова е само почеток на едно посилно, поздраво и поемпатично училишно и општествено окружување. И порака до родителите имајте доверба во децата, дајте им шанса, верувајте во нив. Не мора да значи дека ќе го одберат навидум „полесниот“ пат до остварување на целта. Колку пати и да „паднат“ вие бидете нивна поддршка, повика Јанкова.

Учениците, пак, упатија порака дека има многу начини да се намали анксиозноста, да се зачува менталното здравје низ поезија, музика, низ цртање, разговори со блиски. Никој не треба да биде изоставен, на секој треба да му се понуди помош, да се поразговара, да се слушне и нивниот глас, кажаа учениците. Тие ја преточија оваа важна тема и во креативен израз – преку поезија, музика, цртежи и други уметнички форми и испратија силни пораки за здрави односи, сочувство и разбирање.

Проектот не е само збир на активности, туку доказ дека кога младите имаат простор и поддршка тие создаваат свет во кој сите сакаме да живееме. Учениците кажаа дека ќе ги применуваат научените техники да ги охрабрат и поддржат своите врсници за подобро ментално здравје. ам/мд/


Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан