• недела, 22 декември 2024

Млади карневалисти од Струмица заокружуваат полуматура на Карневалот

Млади карневалисти од Струмица заокружуваат полуматура на Карневалот

Струмица, 16 март 2024 (МИА) - Млади струмичани остануваат верни на аманетот на претходниците и успешно ја продолжуваат струмичката карневалска традиција, подготвувајќи ги своите маски, кои ги кријат од очите на другите се до настапот на главната карневалска вечер која се одржува вечер. Една од младите карневалски групи е и таа од ОУ „Видео Подгорец“, која годинава со учеството на Карневалот заокружува полуматура.

Оваа група предводена од учителката Соња Цицимова и нивните родители изминатите денови ја усовршуваа кореографијата за настапот. Младите карневалистите повеќе години по ред освојуваат награди и успешно го претставуваат Струмичкиот карневал на карневали во странство.

Младите карневалистите маскирањето го запознаа кога беа првоодделенци со маската „Виножито“, па беа „Папагали“, „Пуканки“ „Струмички шпагети“, „Пчелин рај“ „Матадори“, а со годинашната маска, за која откриваат дека само е посветена на една препознатлива земја од ЕУ, се надеваат дека и со неа ќе ја продолжат серијата успешни настапи.

-Со оваа генерација деца јас сум од прво одделение, кои сега се деветто. Оваа година ми е посебно значајна и симболична, бидејќи децата се полуматуранти и заминуваат од училиштето. Го доживувам како завршен проект од нашата карневалска мисија и историја. Сакам од овој период да го понесат чувството за изграден однос кон карневалот, оти не биле само гледачи, туку и активно учествувале со длабока свест за традицијата која за да ја имаме треба да ја одржуваме, вели Цицимова.

Според неа, како училиште им е најважно нивните маски да имаат едукативна порака и тоа го правеа и со досегашните маски кои собраа многу награди во земјава и странство.

-И годинава имавме тежок избор, бидејќи сакаме да се покажеме во најдобро издание. Идејата за годинашната маска од ден на ден ја надградувавме и ќе претставиме едно убаво и чудно патување во Европа, вели Цицимова, која сепак открива мал детаљ од годинашната маска.

За неа токму преку изработката на маските и учеството на карневалите се всадува љубовта кон вековната струмичка традиција и возрасните се тие кои треба да им помогнат на децата да ја сфатат важноста на оваа манифестација.

-Покрај тоа што со маската го претставуваме училиштето, сепак таа на некој начин има семеен карактер, бидејќи без помош на родителите, од кои некои се и учесници, нема да бевме толку успешни. За мене сега се поставува едно тешко прашање: што по заминувањето на децата? Јас сакам овие деца со нивниот изграден однос кон карневалот да продолжат во средните училишта, а со родителите ќе иницираме формирање на карневалско здружение и нашето дружење да продолжи, рече Цицимова.

Сепак, учителката Соња ја продолжува традицијата со нејзините ученици од четврто одделение. Таа и со нив подготвува маска за учество на Детскиот карневал, а се надева дека од наредните години најмладите карневалисти ќе продолжат со учество на Големиот карневал и на тој начин ќе ја продолжат успешната традиција.

Годинава Струмичкиот карневал се одржува од 13 до 20 март. Главниот настан, карневалското дефиле, се одржува вечер, а утре е традиционалниот Детски карневал по повод празникот „Прочка“. рт/аа/

Фото: МИА

 

Остани поврзан