Млади истражувачи проучуваат природни богатства во неготинско Вешје
- Млади истражувачи проучуваат природни богатства преку телескопи и микроскоп во неготинското село Вешје, информираше денеска Кристина Тодорова, раководител на проектот. Таа појасни дека преку истражување со надминување на нееднаквостите, тие се запознаваат со ресурсите на регионот.
Неготино, 22 јули 2023 (МИА) - Млади истражувачи проучуваат природни богатства преку телескопи и микроскоп во неготинското село Вешје, информираше денеска Кристина Тодорова, раководител на проектот. Таа појасни дека преку истражување со надминување на нееднаквостите, тие се запознаваат со ресурсите на регионот.
- На истражувањето учествуваат неколку тима млади луѓе. Тимот кој набљудува преку микроскоп, се запознава со денешните зелени алги дијатомеи и фосилизирани примероци на дијатомеи од рудникот на дијатомејска земја во Вешје. Тимот за макроскопија, ги набљудува најблиските небесни тела преку телескопи. Учесниците во соларниот тим, учат за можностите за користење на соларната енергија. Младите од спектрален тим вршат испитување и спектрална анализа на нејонизирачко електромагнетно поле со софистицирана опрема. Испитување на зрачење од мобилни телефони, лаптопи и други уреди, соопшти Тодорова, активист во Здружението за заштита на животната средина, „Ековита" од Неготино.
Таа додаде дека на запознавање со лековити растенија, работи хербален тим. Новинарскиот тим млади луѓе, ќе се погрижи активностите во рамките на проектот, да бидат споделени на веб страницата на еко друштвото.
Тодорова рече дека ова е едно ново интересно искуство за сите учесници во проектот.
Истражувањето е дел од проектот МладиХаб кој го спроведува Националниот младински совет на Македонија и Stella Network, со финансиска поддршка од страна на Британската амбасада во Скопје.
Тодорова нагласи дека целта на проектот е да ги поддржи и поттикне девојките и младите жени да бидат поактивни во општеството, да креира поеднаков пристап до можностите во јавниот живот, во приватниот сектор и во процесот на донесување одлуки на локално и национално ниво. свд/лв/
Фото : МИА