• петок, 05 декември 2025

Младите да даруваат крв и да станат редовни крводарители, повикаа од Службата за трансфузиона медицина Куманово

Младите да даруваат крв и да станат редовни крводарители, повикаа од Службата за трансфузиона медицина Куманово

Куманово, 11 август 2025 (МИА) – Службата за трансфузиона медицина во Куманово денеска упати јавен повик до редовните, но и новите потенцијални крводарители да даруваат крв, особено во летниот период кога залихите природно се намалуваат.

Раководителот на службата, д-р Дритон Биљали, истакна дека иако во моментот има доволно крв и ситуацијата е под контрола, неопходно е зголемување на бројот на дарувања, особено од страна на младата популација.

– Имаме доволно крв, не треба да има паника, сè е под контрола. И во соседните земји, еве во Србија се крена одредена паника дека нема крв, во овој период секаде има намалување на резервите, кај нас стоиме добро. Ги повикувам сите граѓани, сите добронамерни луѓе да дојдат и да даруваат. Пораката ја упатувам до младите. Просечната возраст на крводарителите секоја година се зголемува што значи имаме многу повеќекратни дарители, односно повозрасна генерација, отколку млади. Тие треба да се активираат, да се пријават кај нас за дарување на крв. Моментално имаме крв, но треба уште повеќе да се ангажираме особено младите, изјави д-р Биљали.

Според него, не треба да се чека фамилијарна потреба за да се дарува крв, бидејќи една крвна единица мора да помине низ постапка на испитување и подготовка која трае најмалку 48 часа.

- Ако се случи сообраќајна незгода, една крвна единица треба минимум 48 часа да се испитува и биде подготвена за дарување, да се одредуваат компоненти, но кога имаме крв на располагање, крвната единица има можност да го чека пациентот, но тој нема можност да чека да се подготви за да ја прими, рече д-р Биљали.

Според податоците на Црвениот крст – Куманово, во првата половина од 2025 година собрани се над 1.500 крвни единици, што е зголемување во однос на истиот период лани. Благ пораст на бројот на крводарувања се забележува кај граѓанските организации и приватни компании кои започнаа да организираат колективни акции.

Крводарувањето во Одделот за трансфузија во Куманово се спроведува два пати неделно – секој понеделник и четврток, од 08:30 до 13:00 часот. Дарителите кои се вработени имаат законско право на слободни денови, а по 10 дарувања се ослободуваат од партиципации. ам/дма/


Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан