• петок, 22 ноември 2024

Млада докторка во Скопје донираше матични клетки за пациент со тешка болест

Млада докторка во Скопје донираше матични клетки за пациент со тешка болест

Скопје, 17 октомври 2023 (МИА) - На Универзитетската клиника за хематологија во Скопје, се реализира несекојдневен чин на храброст и човекољубие - млад семеен лекар донираше хематопоетски матични клетки, со што ќе спаси живот на пациент, кој се соочува со тешка малигна хематолошка болест, а трансплантацијата на матичните клетки е единствената терапевтска опција. За ова попладнево информираа од Министерството за здравство.

Министерот Фатмир Меџити денеска ја посетил донорката на матични клетки - млада девојка, воедно и докторка и ѝ се заблагодарил за извонредната храброст и за несебичната посветеност да спаси туѓ живот.

- Нејзиниот чин на хуманост и солидарност е надеж, потсетувајќи нè на моќта на заедницата и љубезноста во моментите кога тоа е најпотребно. Им честитам и на колегите од Клиниката за хематологија, кои ја практикуваат оваа современа метода во медицината, со која еден човек има шанса за нов почеток, се наведува во писмената изјава на министерот.

Директорката на клиниката за хематологија, Ирина Пановска Ставридис изјавила дека станува збор за редок пример, донорот на матични клетки и пациентот кој треба да ги прими, не биле во роднинска врска, ниту се познавале, а нивните клетки се совпаѓаат.

- Денешниот чин на докторката е уште еден чекор до задоволството да се биде лекар и да се спасуваат животите на луѓето. Младата докторка која е донор на матичните клетки, во Македонскиот регистар на доброволни дарители на коскена срцевина при Институтот за имунологија и хумана генетика, се пријавила уште кога била студент по медицина, а минатиот месец беше идентификувана како евентуален донор. Не се двоумеше ниту миг, веднаш се согласи да му даде шанса за живот на пациент кој не го познава, а боледува од акутна леукемија, се истакнува во пишаната изјава на Пановска Ставридис. бд/дма/

Фото: Министерство за здравство

Остани поврзан