• петок, 22 ноември 2024

Мицотакис ја предводи грчката делегација на Генералното собрание на ОН во Њујорк

Мицотакис ја предводи грчката делегација на Генералното собрание на ОН во Њујорк

Атина, 22 септември 2024 (МИА) – Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис заедно со министерот за надворешни работи Јоргос Герапетритис од денеска се во Њујорк на Генералното собрание на Организацијата на Обединетите нации, а планирано е за време на учеството да остварат низа средби, јави дописничката на МИА од Атина.

На маргините, веројатно е дека Мицотакис ќе се сретне со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, иако средбата засега не е официјално потврдена, а според грчките медиуми, планирани се билатерални средби на премиерот на Грција со неговите колеги од Косово, Израел, Ерменија, како и со претседателите на Србија и Панама, но и со лидери од арапските земји.

На 26 септември, Мицотакис ќе се обрати на Генералното собрание, додека пак истиот ден ќе се сретне со генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш.

Според грчките медиуми, кипарското прашање, односите со Турција и ситуацијата на Блискиот Исток се главните теми на агендата на Мицотакис во Њујорк.

Герапетритис, како што соопштија од Министерството за надворешни работи на Грција, за време на учеството на Генералното собрание планирано е да одржи над 40 средби на високо ниво и контакти со шефови на дипломатии од Европа, Блискиот Исток, Азија, Африка, Централна и Латинска Америка, како и со високи претставници на ОН и регионални организации, а ќе учествува и на трилатералните состаноци Грција-Кипар-Египет и Грција-Кипар-Јордан, како и на министерски состаноци.

- Министерот за надворешни работи ќе учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија, на министерскиот работен појадок на „Групата пријатели на Западен Балкан“, во присуство на министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан, на состанокот на Грција, Романија, Хрватска и Бугарија, како и на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите од Процесот за соработка во Југоисточна Европа, соопштија од грчкото МНР.

Додадоа дека учеството на министерот за надворешни работи е три месеци откако Грција беше избрана за непостојана членка на Советот за безбедност на ОН за периодот 2025-2026 година, а иако мандатот започнува на 1 јануари 2025 година, од 1 октомври годинава земјата ќе учествува на состаноците на Советот со статус на набљудувач и во овој контекст, Герапетритис ќе биде дел од состаноци на високо ниво на Советот за безбедност. ср/

Остани поврзан