• недела, 30 јуни 2024

Мицотакис со телефонски повик го изненадил Меџик Џонсон, кој одморот го поминува во Грција

Мицотакис со телефонски повик го изненадил Меџик Џонсон, кој одморот го поминува во Грција
Атина, 12 јули 2022 (МИА) – Имав чест и задоволство да добијам изненаден повик од грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, напиша на Твитер НБА легендата Меџик Џонсон, кој летниот одмор заедно со сопругата го поминува во Грција, додека Мицотакис откри дека следниот пат ќе се сретнат и ќе разговараат за кошарка, јави дописничката на МИА од Атина. Џонсон е доста активен на социјалните мрежи и во изминатиот период споделуваше фотографии од Закинтос, Атина, Коринтскиот канал, Санторини итн, а и празникот 4 јули го честиташе токму од Грција. Неговите фотографии се проследени и со факти и историски податоци поврзани со местата што ги посетуваат. Грчкиот премиер на Инстаграм објави дека разговарал со НБА легендата и му се заблагодарил за љубовта и убавите зборови изразени кон Грција и грчкиот народ, „како и за прекрасните фотографии и твитови постирани додека беше тука“. -Ми кажа за навистина прекрасното време што тој и неговата сопруга го поминаа при нивната последна посета на Грција, додавајќи дека пријателскиот и навистина гостопримливиот грчки народ кој живее во оваа одлична земја, заедно со неверојатната храна и богатата историја и прекрасната култура на земјата, го инспирираа и се рецепт кој гарантира дека ќе се врати наскоро, а следниот пат со нетрпение очекува да се сретне лично со мене, да јадеме заедно и да разговараме за кошарка, напиша Мицотакис. ср/

Остани поврзан