Мицотакис на Абас му ја повторил грчката поддршка за решението за две држави
- Знаете дека отсекогаш сме го поддржувале и сме преговарале за решението за две држави, во согласност со меѓународното право и соодветните резолуции на Обединетите нации, како основа за праведен и траен мир и за Палестинците и за Израелците, истакна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на средбата со претседателот на Палестинската самоуправа Махмуд Абас во Рамала и посочи дека вистинскиот предизвик е како може да придонесат за спроведување на следните фази од мировниот план, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 22 декември 2025 (МИА) – Знаете дека отсекогаш сме го поддржувале и сме преговарале за решението за две држави, во согласност со меѓународното право и соодветните резолуции на Обединетите нации, како основа за праведен и траен мир и за Палестинците и за Израелците, истакна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на средбата со претседателот на Палестинската самоуправа Махмуд Абас во Рамала и посочи дека вистинскиот предизвик е како може да придонесат за спроведување на следните фази од мировниот план, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис ја повтори посветеноста на Грција за дијалог, стабилност и мир на Блискиот Исток, изрази сочувство за загинатите цивили во Газа, нагласувајќи дека „заштитата на цивилите и почитувањето на меѓународното хуманитарно право се фундаментални принципи“.
Посочи дека е првиот премиер на европска земја што ја посетува Рамала по објавувањето и потпишувањето на мировниот план за Газа и додаде дека тоа е „веродостојна и функционална рамка за соработка и решавање на итните потреби во регионот“.
- Како што знаете, по нашите средби ќе заминам за Ерусалим. Дозволете ми да ја повторам нашата поддршка за Палестинската самоуправа, препознавајќи ја потребата од суштински реформи што веќе ги промовирате и да ја понудиме нашата помош на секој можен начин за да се осигураме дека ќе ги зајакнете и вашите оперативни способности за спроведување на потребните реформи за вашиот народ, посочи Мицотакис.
Претседателот на Палестинската самоуправа изрази благодарност до Грција за нејзината поддршка „на правата на палестинскиот народ и меѓународната заедница, како и за нејзината посветеност на праведен мир во рамките на решението за две држави“.
Абас ја повтори потребата од забрзување на спроведувањето на американскиот план, во согласност со резолуциите на ОН, преку долготраен прекин на огнот, неограничен пристап до хуманитарна помош, целосно медицинско осигурување и засолништа.
- Сакаме итно повлекување на израелските окупациски сили и да ѝ дадеме можност на Владата да продолжи со своите одговорности и да ја забрза обновата на регионот. Ние сакаме да ја повториме важноста да се охрабри израелската Влада да ја запре својата политика и да поддржи решенија за две држави. Во исто време да ја запре политиката на територијално присоединување и да понуди решенија за други итни прашања, како што се даночните, посочи Абас.
Изрази подготвеност да работат со медијаторите, вклучувајќи го и американскиот претседател Доналд Трамп, за да се обезбеди долгорочен мир и се осврна на важната улога на Грција како пријател на Палестинската самоуправа.
Грчкиот премиер од Рамала ќе замине за Ерусалим каде што ќе се сретне со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, по што ќе се одржи и трилатералниот Самит Грција-Израел-Кипар. ср/sd/
Фото: Кабинет на грчкиот премиер