• недела, 22 декември 2024

Мицотакис: Најголемото оружје со кое располагаме е тоа што Грција е „надзорник“ на европскиот тек на Скопје

Мицотакис: Најголемото оружје со кое располагаме е тоа што Грција е „надзорник“ на европскиот тек на Скопје

Атина, 16 јули 2024 (МИА) – Грција очигледно е дека има оружја и не мислам на оружјата што произлегуваат од самиот Договор, но најголемото оружје со кое располага е тоа што е „надзорник“ на европскиот тек на Скопје. И факт е дека не може да има никаков пристап до Европа, ниту чекор, ако не се реши прашањето преку јасна изјава на раководството на соседната земја дека ова е името на државата и важи за сите. Односно да се повтори очигледното, она што го имаат потпишано. Не бараме ништо различно. Pacta sunt servanda, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за ТВ Скај, јави дописничката на МИА од Атина.

Во интервјуто за централното вечерно издание на вестите на грчката телевизија, Мицотакис посочи дека во конкретното прашање „Грција не е сама и има поддршка од цела Европа“, а грчката „позиција е апсолутно разбирлива“.

Нагласи дека Северна Македонија влезе во НАТО, бидејќи се реши прашањето со името, преку Договорот од Преспа.

- Договорот од Преспа имаше други слабости, но едниот член од Договорот од Преспа што се однесува на името, ерга омнес, името Република Северна Македонија за севкупна употреба не е подложно на никакво оспорување или правно толкување. Ова е името на земјата и никој не може да ја нарекува со друго име. Ова е нешто што апсолутно јасно му го ставив на знаење на премиерот на Северна Македонија за време на Самитот на НАТО, дека се наоѓа на оваа маса токму затоа тоа што е потпишан договорот кој во моментов не го почитува, рече Мицотакис.

Уште еднаш повтори дека лично тој поради македонската националност и јазик беше против Договорот, а не поради името.

- Овој договор треба да го почитуваат нашите соседи затоа што ги сакаме блиску до Европа, не сакаме да бидеме скарани, посочи Мицотакис за „Скај“. ср/ев/

Фото: Кабинет на грчкиот премиер

Остани поврзан