• недела, 22 декември 2024

Мицотакис најави зголемување на границата за добивање златна виза за инвеститори во Грција

Мицотакис најави зголемување на границата за добивање златна виза за инвеститори во Грција

Атина, 9 февруари 2024 (МИА) – Зголемување на минималниот износ за инвестиција во недвижнини во одредени делови на Грција за добивање златна виза (Golden Visa) односно петгодишна дозвола за престој за странските државјани, најави од Парламентот грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.

Одговарајќи на пратеничко прашање на лидерот на ПАСОК Никос Андрулакис за станбениот проблем во земјата, Мицотакис истакна дека иако конкретната програма не е причината за поскапување на недвижностите, со оглед на тоа, како што рече, само седум отсто од продажбата на недвижен имот во изминатите две години се однесуваа на златна виза, сепак за големите урбани центри и островите минималната граница може да се зголеми и до 800.000 евра.

Кога во 2014 година беше воведена програмата за инвеститори, минималниот износ беше 250.000 евра, а за одредени грчки региони веќе е зголемен на 500.000 евра.

-Златната виза е мерка која на нашата земја и донесе многу капитал, над две милијарди евра и мерка која кога се воведе беше навистина неопходна за да може да се стимулира пазарот на недвижности, истакна Мицотакис.

Паралелно спомена дека Владата ќе го разгледа предлогот на лидерот на ПАСОК, сопствениците на недвижнини купени во рамките на програмата за златна виза да бидат обврзани да ги издаваат долгорочно, а не за краток престој преку соодветните платформи. ср/сд/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан