• понеделник, 23 декември 2024

Мицотакис и Јеронимос разговарале за работата на црквите за време на празниците

Мицотакис и Јеронимос разговарале за работата на црквите за време на празниците
Атина, 15 декември 2020 (МИА) – За начинот на кој ќе работат црквите за новогодишните и божиќните празници, во период кога Грција е во карантин, разговарале грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и поглаварот на Грчката православна црква архиепископот Јеронимос , додека пак денеска Синодот на ГПЦ ќе одржи состанок за истата тема, јави дописничката на МИА од Атина. Како што соопштија од кабинетот на Мицотакис, за време на телефонскиот разговор грчкиот премиер го известил архиепископот за епидемиолошката слика во земјата и му се заблагодарил за помошта во колективниот напор за справување со пандемијата. -Премиерот се осврна на одлуките на Комисијата на експерти кои што Владата ќе ги следи и ја повика црквата строго да ги почитува, преземајќи ги сите превентивни мерки, соопштија од кабинетот на Мицотакис. Портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас во петокот рече дека црквите ќе останат затворени до 7 јануари 2021 година, со исклучок на Божиќ (25 декември) и Водици (6 јануари) кога ќе биде дозволено присуство на верници, односно, до девет лица во црквите и најмногу 25 во соборните храмови. Оваа одлука, според медиумите во Грција предизвикала негативни реакции кај дел од митрополитите во земјата, а црквата бара едно лице на 10 метри квадратни, со најмногу 25 лица во малите цркви и до 50 лица во соборните храмови. Според „Катимерини“, новата препорака од Комисијата на епидемиолози во Министерството за здравство на Грција, по вчерашниот состанок е едно лице на 15 метри квадратни со максимален број дозволени верници од 25 до 50 во зависност од големината и капацитетот на црквата. Конечните одлуки и ставот на црквата се очекува да бидат донесени на денешниот состанокот на Светиот синод на ГПЦ. ср/

Остани поврзан