• недела, 22 декември 2024

Да не се игра на етничка и верска карта, вели Мицкоски за случајот со црквата во Галате

Да не се игра на етничка и верска карта, вели Мицкоски за случајот со црквата во Галате

Скопје, 11 септември 2024 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски денеска зборувајќи за настанот со црквата во село Галате апелираше да не се игра на етничка и верска карта, посочувајќи дека очекува да има и други вакви изолирани инциденти. Мицкоски додаде дека и владиката и жителите се оградиле од вакви инциденти.   

- Цело време предупредувам дека не треба да се игра на етничка и верска карта бидејќи тоа е картата на која што овие криминалци кои во изминатите години печалеа на грбот на народот ќе се обидат да предизвикаат нестабилност итн., и ова се такви изолирани инциденти што ќе следат. Ја слушнавте изјавата и на владиката, слушнавте и ја прочитавте прес-конференцијата на којшто се оградува од ваквите инциденти, жителите на село Галате кои исто така се оградуваат од ваквите инциденти, рече Мицкоски. 

Она што е интересно, според Мицкоски, е дека на социјалните медиуми за едно од лицата инволвирани во случајот излегле слики на коишто се гледа дека тој е во друштво на политички активни ликови.

- Ако се земе предвид и политичката провиниенција и поддршката на градоначалникот во Општина Врапчиште, но и се уште полициската структура која што е во ОВР Гостивар, тогаш многу лесно може да се дојде до заклучок дека ова е дел од оној фолклор што се подготвува за сеење етничка, верска нетрпеливост и обид за дестабилизација и ваков тип на инциденти којшто следи ќе има. Зошто? Затоа што не можеме како Влада имајќи ги предвид последните измени во Законот за полиција и Законот за работа на МВР да се случат промените во раководните структури бидејќи тие се лимитирани на пет години искуство на висока позиција. Ќе мора за следните два-три месеци да се случи измена на тој закон за да настане измена во тие раководни структури за да можеме реално да ја контролираме ситуацијата, рече Мицкоски. 

Укажа дека во периодот што следи „овие корумпирани политички елити од минатото ќе се обидат преку своите центри на влијание да создаваат етнички конфликти и тензии“. ев/бак/

Фото: Миа Архива/ Влада 

Остани поврзан