• среда, 18 февруари 2026

Мицкоски: Системска борба против сивата економија, нашата политика е јасна - заштитен животен стандард

Мицкоски: Системска борба против сивата економија, нашата политика е јасна - заштитен животен стандард

Скопје, 18 февруари 2026 (МИА) -  Нашата политика е јасна - стабилни јавни финансии и заштитен животен стандард. Ќе продолжиме со дисциплина во приходите, со одговорност во трошењето и со чувствителност кон реалните потреби на граѓаните - порача денеска премиерот Христијан Мицкоски во обраќање на годишната конференција „Формализација на неформалната економија: Преку соработка до успех“.

Борбата против сивата економија, посочи премиерот, не е кампања, тоа е процес, контролата на цената не е популизам, тоа е заштита на граѓаните.

- Ќе бидеме и цврсти и праведни. И кон оние што избегнуваат обврски и кон оние што се обидуваат да профитираат од кризите затоа што нашата обврска е јасна - економија со ред, пазар со правила, држава со достоинство, рече Мицкоски.

Тој укажа дека сивата економија е изгубен приход за државата, изгубена можност за повисоки плати, подобри болници, модерни училишта, посигурни пензии... - Таа создава нелојална конкуренција, ја руши довербата во институциите и го демотивира секој што работи чесно. Нашата цел е јасна - формалната економија да стане попривлечна од неформалната, да биде полесно, поисплатливо и посигурно да се работи легално - рече Мицкоски истакнувајќи дека борбата против сивата економија не може да биде само инспекциска, туку системска. 

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска истакна дека со ревидираниот акциски план за 2026 - 2027 ќе се постави јасна и мерлива цел за намалување на неформалната економија од 28,9 проценти на 26 проценти од БДП до крајот на 2027 година.

- Во нејзиното остварување особено е значајно активно вклучување на сите релевантни институции во имплементацијата на стратегијата и мерките од неа. Јасна порака за соработка и активно вклучување во имплементацијата испраќаме и преку денешното потпишување на декларацијата за партнерство и акција, со која изразуваме заедничка посветеност за формализација на неформалната економија. Таа претставува заначен чекор кон системско и координирано справување со неформалната економија и ја покажуваме заедничката посветеност на институциите, бизнис-заедницата, синдикалните организации и академската заедница - рече Димитриеска-Кочоска.ар/лв/

Фото: МИА

Остани поврзан