• вторник, 14 април 2026

Мицкоски: Систематизацијата во институциите е нормален процес, правичната застапеност во МВР ќе се запази

Мицкоски: Систематизацијата во институциите е нормален процес, правичната застапеност во МВР ќе се запази

Скопје, 24 март 2026 (МИА) - Процесот на систематизација во институциите е нормален и треба одвреме-навреме да се случува. Правичната застапеност во систематизацијата во МВР ќе се запази, за тоа апсолутно никој да не се грижи - порача денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Одговарајќи на новинарски прашања по тркалезната маса „Воведување уставна жалба?“ за потребата од систематизација во МВР и како ќе се запази правичната застапеност, тој појасни дека законот, кој доби позитивно мислење од Венециската комисија, ќе помине на следната владина седница, а потоа ќе се најде пред пратениците.

- Апсолутно имаме потреба од нова систематизација во многу институции. И тоа е нормален прицес. Процес кој апсолутно треба одвреме-навреме да се случува затоа што потребите и навиките се менуваат. Дека ќе има правична застапеност, тоа апсолутно никој да не се грижи. Правична застапеност ќе има - рече Мицкоски. 

Владата, нагласи, нема намера да политизира нешто што некому му е уставно право. 

- Тука да немате дилема. Има опозициски политички партии, кои со конструкции и измислици се обидуваат да создадат поларизација во општеството, но ние поинаку се однесуваме - истакна премиерот.

Прашан за коментар за вчерашната посета на Тетово, каде што на министерката за образование и наука Весна Јаневска од новинар ѝ беше поставено прашање дали има со себе преведувач и оти претходно ѝ било укажано кога ќе оди во Тетово, треба да има преведувач со неа, Мицкоски посочи дека некои луѓе не заслужуваат коментар.

- Понекогаш тоа што нема коментар не значи дека некој нешто заборавил да коментира, туку, едноставно, некои луѓе и не заслужуваат да бидат коментирани. Ако некој одлучил да прави естрада и циркузант од себе, дозволете му, сите може да го видат и да го слушнат. Подобро да премолчите отколку да влезете во таа естрада - изјави Мицкоски. сс/са/

Фото МИА

 

Остани поврзан