• сабота, 21 декември 2024

Мицкоски: СДСМ ги прифати двата услова, ВМРО-ДПМНЕ едногласно одлучи дека ќе учествува на изборите на 15 јули

Мицкоски: СДСМ ги прифати двата услова, ВМРО-ДПМНЕ едногласно одлучи дека ќе учествува на изборите на 15 јули
Скопје, 15 јуни 2020 (МИА) - ВМРО-ДПМНЕ вечерва на седницата на Централниот комитет донесе едногласна одлука дека ќе учествува на изборите на 15 јули. Како што соопшти партискиот лидер, Христијан Мицкоски по седницата, ВМРО-ДПМНЕ очекува Талат Џафери да ги закаже изборите. Од пред Централниот штаб, Мицкоски истакна дека договорот околу датумот се одолговлекувал зашто не можел да прифати избори кои ќе значеле газење по човечки животи и по здравјето на граѓаните. Се водел од заштитата на здравјето и волјата на народот. СДСМ ги прифатила двата услова (принципи) - да има протоколки за заштита на ранливите категории граѓани, тие да гласаат од дома, правила кои, рече, досега не биле прифатени, како и присуство на Мисија на ОБСЕ/ОДИХР. -Ова е тест без поправен испит, победа на доброто над злото, победа на правдата над неправдата, на вистината над лагата, имаме економско фијаксо, капитулација во здравстениот систем, а стратегиските интереси не се остварени. Ова е точка од која нема враќање, иднината на Македонија е во ваши раце, им порача Мицкоски на граѓаните, додавајќи дека следува обнова. Мицкоски нагласи и дека очекува кампања во која партиите ќе ги покажат разликите, кој навистина нуди стратегија и визија, а кој не нуди ништо. -Изминативе три години сме сведоци на Влада која многу ветуваше, но освен пораз, срам, дебакл, криминал, корупција, неправди, не понуди ништо, рече Мицкоски. Одговрајќи на новинарски прашања, тој истакна дека е можно намалување на излезноста пради КОВИД-19. -Проценките на ВМРО-ДПМНЕ се дека е можно поради КОВИД-19 да има намалена излезност. Затоа се обидовме да донесеме протоколи за секој граѓанин ако сака да го исполни своето уставно право и да гласа. Затоа ќе има и ден повеќе, за ризичните, за оние што не ќе може да дојдат на избирачките места. Така ќе се интеревенира за излезноста да биде поголема. Ги повикувам Државната изборна комисија, Владата и Комисијата за заразни болести да овозможат услови за масовно излегување на изборите, а граѓаните масовно да излезат и да го остварат своето уставно право и да се отворат границите, за да дојдат граѓаните во матичната земја и да го дадат својот глас, рече Мицкоски. ВМРО-ДПМНЕ околу датумот на изборите и протоколите се договарала со СДСМ. Мицкоски, како што напомена, немал никаква комуникација со Али Ахмети. -Повеќе делував синхронизирано со Заев. Воопшто немам комуникација со Ахмети. Договоарањето за изборите и протоколите беше со друг политичар, не со Ахмети, рече Мицкоски. Во врска со идејата на ДУИ за Албанец премиер, Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ и во минатото имала предлог за т.н. шпицен кандидат. Сега, всушност, има тројца кандидати за премиер. -ВМРО-ДПМНЕ и во минатото имала предлог за т.н. шпицен кандидат за премиер што ДУИ, гледаме, го прифати. Името на нивниот кандидат се уште не сме го слушнале, претпоставувам ќе го кажат. Сепак, народот одлучува кој ќе ја предводи Владата во иднина, рече вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Мицкоски попладнево и на својот фејсбук профил потврди дека ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува на изборите на 15 јули, откако претходно лидерот на СДСМ Зоран Заев на прес-конференција соопшти дека постигнале договор околу датумот. Од претседателот на државата Стево Пендаровски ќе биде побарана нова вонредна состојба само за изборите кои, според договореното, треба да се одржат на 15 јули, среда, што ќе биде неработен ден за сите граѓани. Молкот би почнал на 12 јули на полноќ. Гласањето на изборниот ден, 15 јули, би траело од 7 часот наутро до 21 часот вечерта. На 13 и 14 јули би гласале болните, изнемоштените и оние кои се позитивни на коронавирусот или се наоѓаат во карантин или самоизолација. мч/скс/  

Остани поврзан