• понеделник, 23 декември 2024

Мицкоски: Повисоки плати за 25 и пензии за 20 отсто

Мицкоски: Повисоки плати за 25 и пензии за 20 отсто
Демир Хисар, 28 јуни 2020 (МИА) - Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пред жителите на Демир Хисар истакна дека партијата направила програма во која се обврзува на најмалку 25 отсто повисока просечна плата во еден четиригодишен мандат. -Се обврзавме на најмалку 20 отсто повисоки пензии за пензионерите во еден мандат и враќање на старото законско решение, рече Мицкоски. Вети, како што кажа, најмалку 640 милиони евра субвенции за земјоделците и загарантиран откуп. -Во овој проект обнова се обврзавме на најмалку илјада километри реновирани патни правци, локални и регионални. Се обврзавме на најмалку еден универзитет да учат нашите млади да се образуваат кој што ќе биде меѓу првите илјада на Шангајската ранг листа. Се обврзавме на реновирани студентски домови, на најмалку еден студентски град, почитување на колективниот договор во образованието за повисоки плати на професорите и наставниците во основните и средните училишта. Се обврзавме на нов пристап во економијата привлекување на странски и домашни директни инвестиции со висока додадена вредност наместо нивните криминални иновации, рече Мицкоски Лидерот на опозицијата рече дека се обврзува за шест месеци да спроведе правда во државата. -Без разлика дали е политичар, определен или неопределен, ВМРО или СДСМ, ДУИ, Алијанса или било кој друг. Ако некој ги погазил законите во државата, за тоа ќе одговара. Правда ќе има од Гевгелија до Тетово, од Дебар до Делчево. Правда ќе има низ целата Македонија, рече Мицкоски. Според него, СДСМ лаѓеле дека платата ќе биде 500 евра односно 30.000 денари, а во овој мандат 36.000 денари. -На нив им требаа три и пол години за од 22.500 да ја покачат на 25.000 денари, а сега дрско лажат дека таа ќе изнесува 36.000 денари, иако народот не ги дочека ниту оние 30.000 денари. Овие луѓе не само што не веруваат во тоа што го зборуваат, туку веќе и се губат набројувајќи невистини. Зборуваат нелогични и работи кои се надвор од здравиот разум. Многу е важно на 15-ти јули да излеземе масовно, да заокружиме број 14. Да го заокружиме името на маестро Игор Дурловски. Потребна ни е голема победа, за да немаме пост изборни гимнастики и уценувања, рече Мицкоски. ев/са/  

Остани поврзан