• четврток, 15 август 2024

Нема да се случи сценариото со пожарите од 2021, кога дрвја од Малешевијата и Пијанец завршија во стоваришта, вели премиерот

Нема да се случи сценариото со пожарите од 2021, кога дрвја од Малешевијата и Пијанец завршија во стоваришта, вели премиерот

Скопје, 15 август 2024 (МИА) - Уништени дрвја од пожари нема да се користат за комерцијални цели, тврди премиерот Христијан Мицкоски, кој денеска одговараше на новинарски прашања на прес-конференција, по посетата на Царинската управа.

- Овој пат тоа нема да се случи, еве го имате мојот збор. Вие со право правите ремисценција на пожарите од 2021 година посебно во делот на Малешевијата и Пијанец што завршија во некои од стовариштата и со право имате грижа и ја оправдувам, но, во овој случај тоа нема да се случи, одговори Мицкоски на новинарско прашање, кога Владата ќе донесе одлука или законски измени со што ќе се забрани сечата на уништените дрвја од пожарите оваа година.

Мицкоски вели дека има закон што е функционален и со дивата сеча, но и со регуларната и тоа се планови што ги прави ЈП „Национални шуми“.

-Тоа што тоа претпријатие беше оставено 4-5 месеци да не добиваат плата вработените, тоа е еден проблем што со ребалансот го решивме. Вториот проблем, тоа што таму по систематизација треба да имате околу 400-500 дрвосечачи, а таму реално оперативни немате ни 30, бидејќи сите оние кои треба да бидат дрвосечачи, во меѓувреме станале администрација. Тоа е втор проблем што новото раководство и директорот го имаат како проблем со што треба да се занимаваат. Трет проблем е што сето она што треба да биде логистика, посебно во процесот на справување со пожарите како што се хеликоптери, летала, опрема што е потребна не постоела и 10 јули кога почна сето ова, ние буквално во тој момент немавме оперативни летала, не само воздухоплови, туку и хеликоптери и луѓе кои нив ќе ги управуваат, бидејќи беа во пензија, посочи премиерот.

Потсети дека на двапати го активирале ЕУ-механизмот за помош.

-Во неколку наврати државите од ЕУ ни излегуваат со помош со хеликоптери, со разно разни летала, досега беа оперативни два ер-трактори што дојдоа од Кипар што заминаа вчера, два ер-трактори беа од Германија што ќе заминат денеска, имавме бригада пожарникари од Унгарија кои со возилата помагаа во гаснењето на пожарот во Македонски Брод, потоа имавме два хеликоптери што дојдоа од Унгрија, еден од Будимпешта, другиот од Сараево, од Словенија, од Србија, имавме неколку ер-трактори од Турција, така што правиме сѐ што е во наша моќ, оваа затекната ситуација да ја елиминираме, истакна премиерот.

На последната седница на Владата, повтори Мицкоски, донесена е одлука за парична помош, „односно за вонреден трансфер на средства потребни за гаснење на пожарите до ЦУК околу 10,5 милиони денари и до Дирекцијата за заштита и спасување 41 милион денари“.

- Правиме сѐ што можеме и како Влада и благодарност до сите оние луѓе на терен кои прават сѐ што можат како луѓе на терен да се справат со огнената стихија. Апелирам до граѓаните, ве молам да не влегуваме во процес во што може некој да настрада. Тоа е неповратен процес и тука нема цена што може да го врати изгубениот живот на еден човек. Посебно апелирам за оние граѓани кои сакаат да се вклучат доброволно во справување со огнената стихија на планината Галичица, таму има многу, многу оставено воена опрема, но и експлозивен материјал што датира дури од времето на Првата светска војна и заради тоа се тие експлозивни  - може да се случи да бидат детонирани и некој човек да го изгуби својот живот и тоа е процес неповратен, посочи Мицкоски.

Тој рече оти нискостеблестета шума, грмушките и тревата ќе пораснат, но човекот нема да се врати. Затоа, да се остават луѓето коишто се вешти, додаде тој, обучени за оваа работа, да се справат.

- Сѐ што треба ќе направиме откако ќе се справиме со огнената стихија. Дајте прво да се справиме затоа што очекуваме дека ова ќе потрае до крајот на месец август, а можеби и во септември, порача Мицкоски на прес-конференцијата. бд/нд/

Фото и видео: МИА

Остани поврзан